Тринаесетто издание на музичката конференција и фестивал ПИН во МКЦ со 58 изведувачи од 40 земји

Под мотото „Living in a Bubble“, настанот од 26 до 28 ноември нуди бесплатни концерти, дебата за Скопје 2028 и панел за безбедноста и стандардите на ноќниот живот.

Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде домаќин на меѓународната музичка конференција и шоукејс-фестивал ПИН, која ќе се одржи од 26 до 28 ноември по 13. пат. Годинешното издание се одржува под мотото „Living in a Bubble“ и на него се очекуваат повеќе од 300 музички професионалци, 58 изведувачи и гости од 40 земји од Европа, Азија, Австралија, Северна и Јужна Америка.

Освен музичкиот дел, настанот ќе понуди и конференциска програма со над 30 активности, панели и работилници, на која ќе се отворат и клучни општествени и културни прашања:

Скопје – Европска престолнина на културата 2028: В четврток, од 14:00 часот во Кино „Фросина“, ќе се одржи трибина посветена на плановите, транспарентноста, буџетите и вклученоста на независната сцена во проектот за 2028 година. Искуства ќе споделат претставници од градови што веќе ја носеле титулата или се подготвуваат за неа, како Нови Сад, Горица, Бурж и Лиепаја.

Панел „PULSE“ за ноќниот живот по Кочани: Дискусијата ќе се осврне на состојбата со клубовите и концертните простори по трагедијата во Кочани, недостигот од јасни стандарди и лиценцирање, а професионалци од Чешка, Германија и Хрватска ќе ги претстават моделите на функционирање на клубската сцена во нивните земји.

На петте сцени во МКЦ за првпат ќе настапат изведувачи од Кина и Австралија, меѓу кои австралискиот состав „TONIX“, кинеските „KyoYoko“, дуото „Green Tea Bitches“, аргентинско-шпанскиот проект „Niem Nitai“, како и „Mista Trick“, „HRTL“, „Tankus“, „Diskopunk“, „Ljubičice“, „Elizabete Balčus“ и „Mehmet Polat Quartet“.

Домашната сцена ќе биде претставена преку бендовите „ИСКРА“, „Chlen 16“, „Mallard“, „Маратонци“, „Персеида“, „Taxi Consilium“ и „Деца Корнат Градина“, како и преку меѓународните соработки на Јордан Костов („Resonant Earth Collective Ritual“), Мартин Грозданоски („Mèraque“), Тони Китановски и Гоце САФ („Afro Gitano“) и Миа Ѓаконовски од Берлин.

Во Скопје пристигнуваат и претставници на водечки светски фестивали и платформи, вклучувајќи го директорот на „WOMEX“, како и делегати од „Reeperbahn Festival“, „Berlin Music Commission“, „MENT“ и „Europavox“.


Влезот за сите концерти и конференциски панели е бесплатен, а целосната програма е достапна на официјалната веб-страница на фестивалот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс