Политичките групи во Европскиот парламент постигнаа договор за текстот на резолуцијата посветена на 35-годишнината од падот и разурнувањето на Вуковар. Во првичниот предлог, инициран од хрватските европратеници, беа внесени пет клучни измени, по што поддршка за документот дадоа и либералите од групата „Обнови ја Европа“ (Renew Europe), кои претходно поднесоа сопствен, алтернативен текст.
Со овој компромис, Европскиот парламент в четврток во Стразбур ќе гласа за еден усогласен документ, кој претходно го поддржаа народните партии, социјалдемократите, конзервативците и Зелените.
Петте клучни измени во резолуцијата се:
- Проширување на почитта кон жртвите: Во текстот останува формулацијата за великосрпската агресија на Слободан Милошевиќ врз Хрватска, но оддавањето почит се проширува и на жртвите од останатите војни за време на насилниот распад на Југославија.
- Извинувањето на Борис Тадиќ: Вклучена е посетата на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ на Овчара во 2010 година, кога заедно со тогашниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ им се поклони на жртвите и се извини за злосторствата, со нагласување на важноста од помирувањето.
- Семејствата на исчезнатите од сите националности: Се нагласува дека семејствата на исчезнатите лица од сите националности сè уште чекаат информации за судбината на своите најблиски.
- Прецизирање на одговорноста: Наместо формулацијата за „припадниците на српскиот политички и општествен естаблишмент“, сега покрај Милошевиќ се наведуваат „влијателни поединци од српските аналитички, политички и интелектуални кругови“ за поттикнување етнички тензии и идејата за Голема Србија.
- Терминолошка корекција: Наместо „Територијална одбрана на Србија“, во резолуцијата ќе се користи терминот „српска Територијална одбрана“.
Овој договор следува по несогласувањата и реакциите од српски студенти и седум невладини организации за човекови права од регионот, меѓу кои хрватската „Документа“ и српскиот Фонд за хуманитарно право, кои претходно го поддржаа алтернативниот текст на австрискиот европратеник Хелмут Брандштетер, барајќи споменување и на српските цивили убиени или исчезнати пред опсадата на градот.
Резолуцијата од Србија бара отворање на воените архиви, доставување информации за локациите на гробниците, соработка во процесирањето на воените злосторства и носење закон за исчезнати лица. Доколку биде усвоена, ова ќе биде прва резолуција на Европскиот парламент посветена конкретно на страдањето на Вуковар. Документот не е правно обврзувачки и сам по себе не воведува нови услови за членство на Србија во Европската Унија.
