ОН предупредуваат: Намалената странската помош остави 446.000 луѓе без лекови за превенција од ХИВ

Светското финансирање на програмите за борба против ХИВ опаднало за 18 отсто во 2025 година, што е најголем пад во речиси две децении. УНАИДС предупредува дека прекинот на превентивните услуги може да доведе до нов бран инфекции и да го поништи досегашниот напредок.

Стотици илјади луѓе останале без пристап до лекови за превенција од ХИВ, откако богатите земји минатата година ја намалиле странската помош за здравствените програми, предупредува агенцијата на Обединетите нации задолжена за борба против ХИВ и СИДА – УНАИДС. САД, Обединетото Кралство, Франција и други големи донатори во 2025 година значително го намалиле финансирањето на глобалните здравствени програми, што имало сериозни последици врз лекувањето и превенцијата од ХИВ во земјите со пониски приходи. Според проценките, во светот минатата година живееле околу 41 милион луѓе со ХИВ, а биле регистрирани 1,2 милиони нови инфекции.

Вкупната странска помош наменета за борба против ХИВ се намалила за 18 отсто во 2025 година – најголем пад во речиси 20 години. Истовремено, домашното финансирање се зголемило за четири отсто, покажуваат податоците на УНАИДС. Земјите во Западна и Централна Африка околу 90 отсто од средствата за услугите поврзани со лекувањето на ХИВ ги добиваат од странски донатори. Но, дури и државите со поголеми сопствени буџети и понатаму зависат од надворешна помош за финансирање на превентивните програми.

За 446.000 луѓе помалку имале пристап до превентивна терапија

Извештајот на УНАИДС покажува дека по кратењето на помошта во 2025 година нагло се намалил бројот на луѓе кои користат предекспозициска профилакса (PrEP) – терапија што го намалува ризикот од заразување со ХИВ кај лица изложени на вирусот. Во 2025 година, околу 446.000 луѓе помалку користеле PrEP во споредба со претходната година. Иако во неколку земји, меѓу кои Бразил, Уганда и Танзанија, употребата се зголемила, глобалниот тренд е негативен.

Според проценките на УНАИДС, минатата година само 2,6 милиони луѓе во светот имале пристап до оваа превентивна терапија, иако повеќе од 20 милиони би можеле да имаат корист од неа. Падот бил особено изразен кај групите со зголемен ризик од ХИВ-инфекција. Употребата на PrEP се намалила за 59 отсто кај сексуалните работници, за 58 отсто кај луѓето што инјектираат дроги, за 23 отсто кај трансродовите лица и за 17 отсто кај геј-мажите и другите мажи што имаат сексуални односи со мажи.

„Знаеме што се случува кога превенцијата од ХИВ ќе пропадне. Луѓето се инфицираат, потребата од лекување расте, трошоците се зголемуваат, а животи се губат“, изјави извршната директорка на УНАИДС, Вини Бањима.

Таа предупреди дека секоја затворена клиника, секој теренски работник што ќе остане без работа и секоја млада жена што ќе биде одбиена од превентивните услуги го зголемуваат ризикот од нова инфекција со ХИВ.

Новите лекови нудат можности, но не се достапни за сите

PrEP најчесто се зема како таблетка секој ден, што може да го отежне пристапот до терапијата и нејзиното редовно користење. Во текот на изминатата година, неколку земји почнале да воведуваат ленкапавир – инјекциска форма на PrEP што се прима само двапати годишно. До октомври, терапијата ја започнале 175.000 луѓе во девет земји во супсахарска Африка, соопшти УНАИДС. Се очекува следната година да станат достапни и поевтини генерички верзии. Истражувачите развиваат и други долгодејствувачки форми на превенција, меѓу кои и таблетка што би се земала еднаш месечно. Сепак, експертите за ХИВ предупредуваат дека намалувањето на меѓународната помош ќе го ограничи пристапот до овие нови лекови токму за луѓето на кои им се најпотребни.

„Неприфатливо е токму во моментот кога светот располага со револуционерни технологии за превенција, способни значително да го намалат бројот на нови инфекции, кратењето на финансирањето да ги направи недостапни за луѓето на кои најмногу им се потребни“, изјави Бањима.

Последиците се чувствуваат и во тестирањето и лекувањето

Намалувањето на средствата не влијае само врз превенцијата. Податоците на УНАИДС покажуваат дека се спроведуваат помалку тестирања за ХИВ, што го отежнува навременото откривање на инфекциите и упатувањето на пациентите на лекување. Исто така, помал број луѓе започнуваат антиретровирусна терапија (АРТ), која го намалува количеството на вирусот во организмот, а ослабени се и системите за следење на ХИВ-инфекциите. Според УНАИДС, последиците од кратењето на финансирањето во 2025 година ќе се чувствуваат уште со години.


„Светот како да оди на сон кон криза што можеше да се спречи“, предупреди Бањима.

е-Трн да боцка во твојот инбокс