Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, денеска кратко се обрати пред Апелацискиот суд, каде што се разгледуваат жалбите за првостепената пресуда во случајот со грабнувањата и убиствата на Вања и Панче Жежовски. „Од оваа позиција во која се наоѓам како заложник, немам што да додадам“, рече Ѓорчевски, по што ја напушти судницата.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ побара Апелација да ја потврди ослободителната пресуда за Ѓорчевски, оценувајќи дека жалбата на Обвинителството е неоснована. Според него, првостепениот суд ја донел единствената праведна одлука, бидејќи, како што рече, обвинителството во завршните зборови признало дека нема докази против Александар Ѓорчевски.
Туфегџиќ оцени дека е „опасен преседан“ тврдењето дека е логично да нема докази за комуникација меѓу Ѓорчевски и останатите обвинети. Тој нагласи дека, токму поради отсуството на докази за комуникација или поврзаност со првиот неуспешен и вториот реализиран обид за грабнување, Апелацискиот суд треба да ја остави во сила ослободителната пресуда.
Од друга страна, вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски побара укинување на ослободителниот дел од пресудата, тврдејќи дека судот не направил целосна анализа на доказите. Обвинителството смета дека Ѓорчевски имал „клучна улога“ и посочува на неговото однесување пред и по исчезнувањето на Вања.
Кривичниот суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за грабнувањата и свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Александар Ѓорчевски беше ослободен поради недостиг на докази, а токму тој дел од пресудата сега го оспорува Обвинителството.