Апелацискиот суд во Скопје денеска треба да ги разгледа жалбите на првостепената пресуда за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Случајот влегува во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство.
Одбраната бара укинување на пресудата и повторување на постапката, додека Обвинителството се жали на делот со кој таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, беше ослободен од обвинение поради недостиг на докази. Јавната седница првично беше закажана за 9 април, но беше одложена и презакажана за денеска.
Со првостепената пресуда од Основниот кривичен суд Скопје, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа осудени на доживотен затвор за свирепите убиства на Вања и Панче. Според пресудата, обвинетите добија и по 10 години затвор за грабнувањата.
Според обвинението, грабнувањето на Вања било испланирано со цел да се изнуди откуп од член на нејзиното потесно семејство. Панче Жежовски, пак, бил грабнат во Велес за да му биде одземено возилото, кое подоцна било искористено во случајот. Вања и Панче беа пријавени за исчезнати во ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември истата година.