Меѓу најзвучните имиња е Украинецот Јуриј Захарјејев, сениорски светски шампион од Белград 2021. На 19 години тој стана првиот боксер што во иста година освои светско злато и кај младинците и кај сениорите. Во Скопје настапува и Данило Жасан, бронзен медалист од сениорското Светско првенство во Ливерпул во 2025 година. Украинскиот состав го засилуваат и Џамал Кулијев, европски шампион У23 од 2024 и светски бронзен медалист У19 од 2022, како и Матвиј Ражба, европски шампион У17 од 2019 година.
Во женска конкуренција, Ирина Луцак доаѓа со европско злато У23 од 2024 и сениорска европска бронза од Софија 2026. Нејзина противничка во четвртфиналето до 80 кг е македонската боксерка Марија Костовска. Во украинската селекција се и Наталија Меринова, европска шампионка У23 од 2024, и Анастасија Сарањук, бронзена на Европското првенство У17 во 2021 година.
Од Литванија настапува Александар Трофимчук, европски вицешампион У23 од 2024, кој во финалето во Софија боксуваше токму против Захарјејев. Во литванскиот состав се и Едгарас Скурделис, европски младински вицешампион од 2011, и Алгирдас Баниулис, бронзен медалист од Светските воени игри во 2019 година.
Молдавија ја предводи Даниил Гуранда, европски шампион У17 од 2023, европски вицешампион У19 од 2024 и бронзен на Европското У19 во 2025. Неговите сонародници Михај Поромбак и Владислав Васковски освоија европска бронза У23 во 2025 година. Поромбак има и бронза од Европското У22 во 2023.
Во Скопје боксуваат и Румен Руменов од Бугарија, европски бронзен медалист У23 од 2024, Хамза Рашљанин од Србија, европски бронзен медалист У19 од 2024, и Башким Бајоку, кој за Косово освои бронза на Европското У22 во 2023 година.
Програма во салата „Расадник“:
петок, 13 ноември, во 14:00 – четвртфинални борби
сабота, 14 ноември, во 14:00 – полуфинални борби
недела, 15 ноември, во 17:00 – финални борби
Влезот е слободен. Македонската боксерска федерација ги поканува љубителите на боксот да ги проследат борбите во „Расадник“ и да им дадат поддршка на домашните натпреварувачи.
