Што може да смени еден масовен протест?

Зборник за протестите во Централна и Источна Европа по 1989 година го разгледува патот од полн плоштад до политичка промена. Меѓу единаесетте студии е и поглавје за Македонија.

Колку луѓе излегле на улица? Тоа е едно од првите прашања по секој голем протест. Потешкото доаѓа подоцна, кога ќе треба да се види дали власта повлекла одлука, дали се сменил закон или дали движењето добило место во преговорите. На таа разлика меѓу успешната мобилизација и политичкиот резултат укажува Дејвид С. Мајер во зборникот „Моќ и протест во Централна и Источна Европа“, кој Луси Џефери го рецензира за CEU Review of Books.

Зборникот, објавен во 2025 година, ги следи протестните движења низ политичките, економските и општествените промени по падот на комунизмот. Во поглавјето за Бугарија, Ивајло Динев и Драгомир Стојанов ги поврзуваат повторливите бранови протести со разочарувањето од транзицијата во деведесеттите. Незадоволството од економските последици и недовербата во политичките елити, според нив, придонеле и за појава на партии израснати од протестни движења.

Што ги поттикнува протестите во Македонија?

Во поглавјето за Северна Македонија, Иван Стефановски ги поврзува протестите со невработеноста кај младите, неправедната приватизација и корупцијата во медиумите. Овие проблеми ги разгледува во контекст на системската злоупотреба на власта. Со нерамномерната распределба на политичката моќ, пак, објаснува зошто земјата осцилира меѓу демократски и авторитарни практики.

Стефановски го сместува македонскиот случај во пошироката историја на посткомунистичката транзиција. Повикувајќи се на политиколозите Хуан Линц и Алфред Степан, тој посочува дека врз стабилноста на демократијата влијаат и меѓународните околности, наследството на претходниот режим и начинот на кој власта го гради својот легитимитет и врши притисок. Од таа перспектива, секој нов бран протести го отвора и прашањето колкав простор имаат граѓаните да влијаат врз одлуките меѓу два изборни циклуса.

Каде завршува моќта на полниот плоштад?

Во Албанија, активистите за заштита на долината на реката Вјоса преку социјалните мрежи стигнале до публика и покрај слабиот одѕив од традиционалните медиуми. Во Чешка, според Катержина Врабликова, големите демонстрации не довеле до системски промени во политички поредок во кој неформалните мрежи и корупцијата го ограничуваат влијанието на граѓанските движења.

Во Полска, Пјотр Коциба ги вбројува масовните протести меѓу најсериозните предизвици за партијата Право и правда. Во неговото поглавје, судските реформи и правото на абортус се две од темите околу кои се мобилизирале граѓаните. На 28 октомври 2020 година, демонстрации се одржале во 410 градови.


Џефери забележува дека поглавјата се подредени по азбучен ред и ретко се повикуваат едно на друго. Со повеќе споредби полесно би се видело зошто некои движења успеваат да издејствуваат промени, а други со години ги повторуваат истите барања. За секој што следи протест, оттука произлегува и следното прашање за власта. Што направивте со барањата откако се испразни плоштадот?

е-Трн да боцка во твојот инбокс