Кој ги прашува младите кога општините решаваат за енергијата?

Во Македонија и во уште четири земји од Западен Балкан, младите имаат малку можности да влијаат врз енергетските одлуки на своите општини. Научен преглед посочува дека младинските совети често работат без стабилно финансирање и со ограничени овластувања.

Кога една општина решава во кои енергетски проекти ќе вложи пари, колкаво влијание имаат младите врз таа одлука? Преглед објавен во списанието Energy, Sustainability and Society, за кој пишува Bioengineer.org, покажува дека младите во Западен Балкан често се вклучуваат преку едукативни активности и консултации, со малку можности да влијаат врз планирањето и буџетот.

Авторите анализирале постојни истражувања, документи и извештаи за Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Северна Македонија. Меѓу нив е и анкета од 2024 година во Македонија, која покажала дека на средношколците и студентите им недостигаат точни информации за климатските прашања. Прегледот посочува и дека општините имаат ограничени капацитети и вложувања за справување со климатските промени.

Колкаво влијание имаат младинските совети?

Во дел од општините постојат младински совети и канцеларии за млади. Според авторите, тие често работат без стабилно финансирање и со ограничени овластувања за да влијаат врз општинските планови и распределбата на парите.

Врз учеството влијае и економската несигурност. Во регионално истражување од 2023 година, младите од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина им дале предност на сиромаштијата, пристапот до здравствена заштита и гладот пред еколошките прашања. Во општините што зависат од јаглен, авторите го поврзуваат учеството на младите со можностите за обука и вработување во новите енергетски сектори.


Авторите предлагаат општините да издвојат пари за проекти што ги водат млади, да им овозможат на граѓаните да учествуваат во одлучувањето за дел од буџетот и јавно да го објавуваат напредокот на енергетските проекти. Така, младите би можеле да следат кои од нивните предлози добиле општински пари и што е спроведено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс