Судир на два патнички воза кај Лондон: Најмалку едно лице загина, повеќе повредени

Најмалку едно лице загина, а неколкумина се повредени во судир на два патнички воза во близина на Бедфорд, северно од Лондон. Британската полиција прогласи голем инцидент.

Најмалку едно лице загина, а повеќе патници се повредени во тешка железничка несреќа што се случи во петокот вечерта во близина на Бедфорд, северно од Лондон, соопшти Британската транспортна полиција. Според првичните информации, во несреќата учествувале два патнички воза на железничката компанија „Ист Мидлендс Рејлвеј“, по што властите прогласиле голем инцидент и активирале обемна спасувачка операција.

На местото на несреќата веднаш биле испратени полициски екипи, пожарникари, спасувачи и медицински тимови. Во акцијата учествуваат припадници на Транспортната полиција, полицијата на грофовијата Бедфордшир, како и локалните служби за итна помош.

Заменик-началникот на полицијата Стјуарт Канди изјави дека во тек е голема координирана операција на сите служби.

„Работиме забрзано за да утврдиме што точно се случило и ќе објавиме дополнителни информации штом бидеме во можност“, изјави Канди.

Пожарникарските и спасувачките служби од Бедфордшир ги повикаа граѓаните да го избегнуваат подрачјето додека траат интервенциите и истрагата. Воздушните снимки од местото на несреќата покажуваат два сериозно оштетени воза. Поголемиот дел од вагоните останале на шините, но најмалку еден вагон излетал од пругата. На снимките се гледа и долг конвој возила на итната помош распоредени долж локалниот пат, додека спасувачките екипи и патниците се собираат на блиско поле.

Според британските медиуми, еден од возовите најверојатно бил од линијата „Лутон Аеродром Експрес“, која ги поврзува аеродромот Лутон и Лондон. На терен биле ангажирани и медицински хеликоптери за евакуација и транспорт на повредените.

Причините за судирот засега не се познати. Надлежните служби започнаа истрага која треба да утврди како дошло до несреќата и дали имало технички или човечки фактор во инцидентот. Железничкиот сообраќај во регионот е сериозно нарушен, а патниците се предупредени да очекуваат доцнења и откажувања на линиите додека траат увидот и расчистувањето на местото на несреќата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс