Старински џем од кајсии: Густ, мирисен и готов без многу мака

Едноставен рецепт за старински џем од кајсии со зрели плодови, малку шеќер и совршена густина. Идеален за палачинки, кифлички и зимница.

Нема поубав летен мирис од оној кога дома се крчка старински џем од кајсии. Тоа е вкус што потсетува на детство, на топли кифлички, палачинки и тегли домашен џем подготвени за зима.

За добар џем не се потребни многу состојки, туку зрели и здрави кајсии, малку шеќер и трпение додека овошјето ја добие вистинската густина.

Тајната е во зрелите плодови

За џемот да има богат вкус и природна сладост, најважно е да се изберат зрели, но здрави кајсии.

Зрелите кајсии содржат повеќе природен овошен шеќер, па нема потреба да се претерува со додавање шеќер. Така се задржува и благата киселкаста нота, која го прави џемот посвеж и повкусен.

Џем или пакмез – која е разликата?

Иако често ги користиме како ист поим, разлика постои.

Пекмезот обично се вари подолго, на тивок оган, додека овошјето речиси целосно не се претвори во густа маса, најчесто со помалку шеќер.

Џемот, пак, се вари пократко и може да содржи мали парчиња овошје. Шеќерот помага и како природен конзерванс, но во домашните рецепти количината може да се прилагоди според вкусот и зрелоста на овошјето.

Рецепт за старински џем од кајсии

Состојки:

1 кг исчистени кајсии
300 до 400 г шеќер, по вкус

Подготовка

Кајсиите измијте ги, извадете им ги семките и исечете ги на помали парчиња.

Ставете ги во поголем сад, додајте го шеќерот и нежно изгмечете ги со раце или со лажица, за да пуштат сок.

Доколку сакате џем со покрупни парчиња овошје, оставете ги кајсиите со шеќер неколку часа пред варење.

Потоа варете ги на умерена температура, со повремено мешање, додека смесата не се згусне.

Џемот е готов кога со дрвена лажица ќе поминете по дното на тенџерето и ќе остане чиста трага. Тоа значи дека вишокот течност испарил и дека џемот ја добил вистинската густина.

Жешкиот џем сипете го во претходно стерилизирани и загреани тегли.

Добро затворете ги теглите и оставете ги полека да се изладат завиткани во ќебе или крпа. Така џемот ќе се вакумира и ќе може да трае подолго.

Домашниот џем од кајсии е совршен за појадок, палачинки, кифлички, колачи или едноставно на парче леб со путер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс