Биеналето за сценски дизајн во Скопје почнува со претстава по Пазолини

Киното во Железничката зграда на 6 и 7 ноември ќе биде домаќин на претставата „Теорема, леме“, видеоизложба за белградската иницијатива не:БИТЕФ и разговори за условите во кои работи независниот театар.

Со претставата „Теорема, леме“ на независниот театар „Златен Елец“, во петок, 6 ноември, во 20 часот, почнува скопската програма на Биеналето за сценски дизајн. Дводневната програма „Животот е таму каде што се здружуваме“ се одржува во киното во Железничката зграда, на улица „Борка Талевски“ бр. 26.

„Теорема, леме“ е работена според романот и филмот на Пјер Паоло Пазолини, во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ и со драматургија на Ева Камчевска. Во претставата играат Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски.

Изложба за не:БИТЕФ и разговори за независниот театар

Саботната програма, на 7 ноември, трае од 11 до 17 часот. Во нејзиниот центар е изложбата со видеоматеријали од малите сцени на не:БИТЕФ во 2026 година. Идејата за изложбата, според организаторите, произлегла од гостувањето на центарот СЦЕН на фестивалот АКТО во Скопје.

Во 11:15 часот, Кристина Леловац и Бобан Алексоски ќе разговараат за тоа како се создава и одржува независна претстава во Скопје, од наоѓање простор за проби до надоместување на трудот на соработниците. Во 12:50 часот, Радивоје Динуловиќ и Јелена Кнежевиќ ќе зборуваат за институционалната криза на Белградскиот интернационален театарски фестивал и за врската меѓу студентските и граѓанските протести во Србија и создавањето на не:БИТЕФ.

Во 14:25 часот, Татјана Дадиќ Динуловиќ и Филип Јовановски ќе го претстават белградскиот циклус изложби и изведби „Скок во неизвесноста“. Програмата завршува со дијалогот „Студентски простор“, кој почнува во 15:55 часот.


Скопската програма ја организираат центарот СЦЕН од Нови Сад, „ФРУ | градот како сцена“ од Скопје и не:БИТЕФ од Белград. Концептот го потпишуваат Радивоје Динуловиќ, Филип Јовановски и Јелена Кнежевиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс