Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за заострување на условите за задолжување на граѓаните, со кои максималниот рок за отплата на станбените кредити се скратува од 30 на 25 години. Мерките стапуваат во сила на 1 декември 2026 година, а целта е да се спречи прекумерно задолжување на домаќинствата во период кога станбеното кредитирање бележи годишен раст од 16,6 отсто. Овие ограничувања нема да важат за граѓаните кои првпат купуваат сопствен стан.
Со новите макропрудентни правила, централната банка постави строги граници за roковите на отплата. Максималниот рок за отплата на редовните станбени кредити се намалува од 30 на 25 години. За хипотекарните потрошувачки кредити кратењето е уште подрастично, па граѓаните наместо досегашните 20 години, долгот ќе мора да го вратат најмногу за 15 години.
Исклучок од ова правило се граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив максималниот рок за отплата останува 30 години, со цел да не им се отежни решавањето на основното станбено прашање.
Втората клучна измена директно удира по висината на сумата што граѓаните можат да ја позајмат врз основа на своите примања. Се намалува максимално дозволениот показател ДСТИ, односно односот меѓу месечните отплати за кредити и вкупните месечни приходи на кредитокорисникот.
За кредитите во денари, овој праг се спушта од 50% на 45% од месечниот приход. Кај кредитите со валутна компонента правилата се уште построги, па месечната рата ќе смее да изнесува најмногу 40%, наместо досегашните 45%.
Како и кај роковите, Народната банка го задржува поповолниот регулаторен третман за прв стан. Лимитите за овие купувачи остануваат 50% за денарски и 45% за девизни кредити.
Според образложението од Народната банка, измените се носат во услови на здрав банкарски сектор и низок кредитен ризик, но при силен раст на кредитирањето. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите на населението достигна 12,2%, наспроти 11,2% лани. Главен двигател на овој раст се токму станбените кредити со скок од 16,6%.
Регулаторот за првпат ги воведе овие макропрудентни мерки во јули 2023 година, а ги засили во декември 2025 година. Банкарите регистрирале дека ваквите чекори го намалуваат кредитирањето на најранливите домаќинства со висок должнички товар. Примената на новите правила започнува од 1 декември 2026 година.