Студентската листа „Студентите победуваат“ денеска, 22 октомври, ја завршува предизборната кампања со собир на плоштадот Славија во Белград, закажан за 18 часот. Под слоганот „Победата повикува“, организаторите ги повикаа граѓаните да им се придружат по повеќедневното пешачење на студентски и граѓански колони од различни делови на Србија.
„Местото што ги памети нашите најголеми моменти повторно ќе биде симбол на заедништво, одлучност, сила и победа“, порачаа студентите во најавата за собирот. Изборот на Славија го поврзуваат со претходните масовни протести и поддршката што студентското движење ја добиваше на улиците.
На завршниот митинг му претходеа пешачки маршрути од Заечар, Нови Сад, Горњи Милановац, Ваљево и Шабац. Источната колона минуваше низ Бор, Жагубица, Петровац на Млава, Пожаревац и Смедерево. Учесниците од север тргнаа од Нови Сад преку Стара Пазова, додека колоните од западна Србија се споија во Обреновац.
Земјоделци и граѓани ги пречекуваа студентите по патот
Поддршка на студентите им даваа земјоделци, мотоциклисти и жители на местата низ кои минуваа пешаците. Според известувањето на Н1 од 21 октомври, на колоната од Нови Сад ѝ се придружиле земјоделци со 16 трактори од Иницијативата за опстанок на земјоделците на Србија.
Во Батајница, учесниците биле пречекани со музика, храна и пијалаци.
Дејан, студент на Факултетот за технички науки во Нови Сад, за Н1 раскажал дека гостопримството и поддршката од граѓаните им помагаат да продолжат и покрај заморот и плускавците. Тој посочил дека во Стара Пазова биле пречекани со особена топлина, а во колоната владеел оптимизам пред завршниот собир.
Слични сцени имало и долж источната маршрута. Учесниците на 20 октомври пристигнале во Смедерево, каде што граѓаните ги пречекале на Плоштадот на Републиката со музика и оро. Меѓу присутните бил и актерот Драган Јовановиќ, објави локалниот медиум Бум93.
Психологот и кандидат на студентската листа, Драган Прпа, оценил дека ваквите акции го враќаат оптимизмот и го менуваат односот кон животот во заедницата. Според него, процесот што го започнале студентите е поширок од изборната кампања, иако неговата политичка разрешница ќе се бара на гласањето.
Вечерашниот митинг е најавен како последен собир на студентската листа пред изборниот молк. Парламентарните избори во Србија се закажани за недела, 25 октомври.
