Спасен од исчезнување: Иберискиот рис покажува како може да се зачува и балканскиот

Во 2001 година на Пиринејскиот Полуостров биле регистрирани само 62 полово зрели единки на иберискиот рис, а до 2022 година нивниот број се зголемил на 648

Иберискиот рис, кој пред две децении беше на работ на исчезнување, денес е еден од најуспешните примери за обновување загрозен животински вид. Неговото спасување покажува дека долгорочната заштита на живеалиштата, научното следење и соработката со локалното население можат да дадат резултати – искуство што може да биде исклучително важно и за опстанокот на балканскиот рис.

Во 2001 година на Пиринејскиот Полуостров биле регистрирани само 62 полово зрели единки на иберискиот рис. До 2022 година нивниот број се зголемил на 648, додека вкупната популација, заедно со младите животни, надминала 2.000 единки.

Како резултат на ова закрепнување, во 2024 година Меѓународната унија за заштита на природата го промени статусот на иберискиот рис од „загрозен“ во „ранлив“. Сепак, експертите предупредуваат дека видот сè уште не е целосно безбеден и дека мерките за неговата заштита мора да продолжат.

Успехот не е резултат на една активност, туку на повеќедецениска и координирана стратегија. Во Шпанија и Португалија биле обновувани медитеранските шуми и грмушестите живеалишта, а особено внимание било посветено на зголемување на бројот на диви зајаци, кои се главен плен на иберискиот рис.

Паралелно се спроведувале програми за размножување во контролирани услови и враќање на животните во природата. Од 2010 година во различни области на Шпанија и Португалија биле реинтродуцирани повеќе од 400 рисови.

Важен дел од програмата било и поврзувањето на одвоените популации преку еколошки коридори. На критичните патни делници биле изградени премини за диви животни и биле преземени мерки за намалување на бројот на рисови што страдаат во сообраќајни несреќи.

Во активностите биле вклучени научници, државни институции, локални власти, земјоделци, ловци и сопственици на земјиште. Токму ваквата широка соработка се смета за една од клучните причини за успешното обновување на популацијата.

Искуството од Пиринејскиот Полуостров е особено значајно за балканскиот рис, кој е еден од најретките диви видови во Европа. Се проценува дека во природата останале помалку од 50 единки, а неговите главни живеалишта се наоѓаат во Националниот парк „Маврово“ и околните подрачја во Македонија, како и во планинските области во Албанија.

Балканскиот рис е класифициран како критично загрозен. Меѓу најголемите закани за неговиот опстанок се ловокрадството, уништувањето и фрагментацијата на шумските живеалишта, намалувањето на пленот и ниската генетска разновидност на малата и изолирана популација.

Примерот со иберискиот рис покажува дека само формалната законска заштита не е доволна. За спасување на балканскиот рис се потребни постојано следење на популацијата, заштита на клучните шумски подрачја, зачувување на природните коридори и усогласена прекугранична соработка.

Од особена важност е да се спречи изградба на инфраструктура што би ги пресекла неговите живеалишта и патиштата по кои животните се движат. Истовремено, потребни се построги мерки против ловокрадството, одржливо управување со шумите и дивечот, како и поголемо вклучување на локалното население.

Обновувањето на иберискиот рис траело повеќе од дваесет години и сè уште не е завршено. Сепак, неговата приказна докажува дека исчезнувањето не мора да биде неизбежно. Со долгорочна политичка поддршка, стабилно финансирање и одлуки засновани врз науката, и балканскиот рис може да добие вистинска шанса за опстанок.

Извор: Мета.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс