Шпанија влезе во сезоната на пожари без клучните хеликоптери Камов

Трговската блокада на ЕУ го спречи сервисот и набавката на резервни делови на леталата што фрлале по 5.000 литри вода одеднаш.

Шпанија влезе во сезоната со висок ризик од шумски пожари без осум противпожарни хеликоптери Камов Ка-32 11ВЦ, приземjени поради санкциите на Европската унија кон Русија. Блокадата спречува сервисирање и набавка на резервни делови, а шпанската влада во изминатата година не поднела официјално барање за изземање до Брисел.

Трговската блокада што ЕУ ја воведе спрема Русија ги спречува рутинските интервенции на хеликоптерите Камов Ка-32 11ВЦ. Рускиот тим за одржување нема пристап до Шпанија, а резервните делови клучни за безбедноста на летот не можат да се набават. Без таа поддршка, леталата не добиваат дозвола за летање во европскиот воздушен простор. Секој од овие хеликоптери може да истури повеќе од 5.000 литри вода за неколку секунди. Пожарникарите на терен велат дека прецизноста и силата на овие машини биле пресудни при гаснење пожари.

Проблемот не е нов, а владата во Мадрид со него е запозната подолго време. Официјално е потврдено дека способноста за противпожарна одбрана е значително намалена откако осум хеликоптери од овој тип останаа надвор од употреба. Во претходните години тие летале од бази во Андалузија, Арагон, Естремадура и Гвадалахара.

Според порталот The Objective, шпанската влада досега не побарала техничко изземање кое би им овозможило на хеликоптерите Камов повторно да летаат. Во Конгресот, парламентарната група Сумар предложи санкциите да се укинат исклучиво за овие летала. Предлогот не бил усвоен. Во изминатата година, Мадрид не поднел официјално барање до европските институции по ова прашање.

Приватните компании кои им ги нудат противпожарните услуги на шпанската држава мораа да ги прилагодат своите флоти. Пегасус, еден од главните приватни оператори, потврди дека хеликоптерите Камов веќе не се дел од нивната понуда. Одржувањето, велат од компанијата, станало правно и технички неизводливо според важечките стандарди за цивилно воздухопловство.

Надлежните министерства сега бараат замена на западниот пазар. Владини извори признаваат дека достапните опции се помалку агилни и значително поскапи. Додека траат европските санкции кон рускиот авио-сектор, шпанските шуми ќе се бранат без помошта на овие клучни хеликоптери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс