Сопартијците на Вучиќ ја запалија тврдината во Ниш

Политичкиот митинг на напредњаците заврши со оган на историскиот бедем, додека локалните служби одбиваа да дадат детали за инцидентот.

Оган зафати дел од Нишката тврдина синоќа по бакљадата организирана за време на собирот за поддршка на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. Додека пламенот се ширеше низ сувата трева кај историскиот бедем, присутните сами се обидуваа да го изгаснат пожарот пред да интервенираат надлежните екипи. Противпожарната служба првично потврди дека горело ниско растително подрачје, но подоцна одби да даде какви било официјални информации за поврзаноста на инцидентот со партискиот собир.

Инцидентот се случи веднаш по завршувањето на партискиот собир, кога група активисти запалија десетици факели долж ѕидините на тврдината. Искрите брзо ја зафатија сувата трева на карпестиот дел од бедемот. На видеоснимките што се појавија на социјалните мрежи се гледа како огнот се шири на неколку метри од собраната толпа. Локалните медиуми, меѓу кои и порталот „Јужне вести“, објавија дека на терен излегле полициски патроли, а на местото на настанот останале видливи црни траги од изгорена површина.

Додека независните известувачи бележеа паника и обиди за гаснење, локалната телевизија „Ниш ТВ“ собирот го опиша како прослава што завршила со „спектакуларен огномет“. Нивниот пренос во живо беше ненадејно прекинат без одјава во моментот кога луѓето што ги држеа факелите почнаа панично да го газат пламенот и да фрлаат земја врз огнот. Во ниту еден дел од официјалната репортажа на оваа телевизија не беше споменат огнот што изби на споменикот на културата.

Пожарникарите во Ниш во првиот телефонски контакт за регионалните медиуми потврдија дека интервенирале на локацијата и дека пожарот бил брзо ставен под контрола. Меѓутоа, при следните повици за официјален записник, дежурните лица одбија да потврдат дали огнот е предизвикан од пиротехниката на партиските активисти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс