Со доаѓањето на есента, на кожата ѝ треба поинаква нега

Есента носи промени што ги чувствуваме и на сопствената кожа. Затегнатост по миењето, црвенило и суви делови не се случајност, туку знак дека на кожата ѝ е потребна поинаква нега.

Со доаѓањето на есента ја менуваме облеката, исхраната и навиките, но полицата во бањата најчесто останува иста. Токму тоа е една од најчестите грешки – продолжуваме со лесната летна рутина иако условите се менуваат.

Во лето воздухот е повлажен, а поради топлината и потењето кожата произведува повеќе себум, па ѝ одговараат лесни гелови и флуиди. Кога температурите паѓаат, влажноста на воздухот се намалува, а со вклучувањето на греењето воздухот во затворените простории станува уште посув. Кожата тогаш побрзо ја губи водата, нејзината заштитна бариера слабее, а последиците се затегнатост, лупење, црвенило и зголемена чувствителност.

Зошто лесната крема повеќе не е доволна?

Дерматолозите советуваат есента да се заменат лесните летни формули со побогати креми кои не само што ја хидрираат кожата, туку ѝ помагаат да ја задржи влагата. Добро е да се избираат производи со состојки како церамиди, глицерин, сквалан и шеа путер, кои ја зајакнуваат заштитната бариера.

Хијалуронската киселина и понатаму е добар избор, но најдобро е да се нанесе на благо влажна кожа и потоа да се „затвори“ со крема. Во сув воздух, без заштитен слој, нејзиниот ефект може да биде послаб од очекуваното.

Жешкиот туш и честиот пилинг можат да ја влошат состојбата

Кога ќе залади, долг и жежок туш изгледа како идеален начин за загревање. Но, жешката вода ги отстранува природните масти од кожата и дополнително ја суши. Затоа подобар избор е млака вода и пократко туширање.

По туширањето кожата треба нежно да се тапка со пешкир, а не силно да се трие, а веднаш потоа да се нанесе лосион или крема.

И со пилингот треба да се биде внимателен. Обидот да се отстранат остатоците од летниот тен со агресивни пилинзи неколку пати неделно може дополнително да ја иритира веќе ослабената кожна бариера. Подобро е пилингот да се намали и да се користат понежни производи.

Истото важи и за средствата за чистење – наместо агресивни пенливи гелови, подобар избор се нежни кремасти или маслени формули.

СПФ не оди во фиока со летната гардероба

Една од најчестите грешки е прекинувањето на употребата на крема со заштитен фактор штом ќе престанат летните горештини.

Иако УВБ-зраците се послаби во есен, УВА-зраците се присутни во текот на целата година. Тие придонесуваат за предвремено стареење на кожата и појава на пигментации, па заштитниот фактор треба да остане дел од утринската рутина.

Посебно внимание треба да им се посвети и на усните и рацете, кои брзо се сушат и пукаат на студ. Балсам за усни и хранлива крема за раце се едноставен начин да се спречи тоа.

А за оние кои поголем дел од денот го поминуваат во загреани простории, овлажнувачот на воздухот може да биде корисен не само за кожата, туку и за полесно дишење во сувиот воздух.

Со неколку навремени промени во рутината, кожата полесно ќе го дочека студениот период – хидрирана, заштитена и без непотребни иритации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс