Search

Смрт за фашизмот, репродуктивна слобода за нас!

Долго пред да станам дел од ХЕРА, бев меѓу луѓето што протестираа на улица против тогашниот закон за абортус. Прекуноќ донесен пред десетина години, овој закон беше логичен след на грозоморните постери што со месеци претходно и во огромен тираж стоеја залепени на тарабите и автобуските низ градот и на рекламите што предизвикуваа гадење и ја билдаа ненасушната потреба да се најде виновник, да се заземаат страни и да се дава мислење што никој не го бара. И, во најмала рака, да ѝ се лепат етикети на секоја што, сакала или не, ќе ги изневери очекувањата коишто почнуваат невидливо да ни го кројат патот уште пред да ни го направат Апгар-тестот1. Целата владина кампања, совршено спроведена според рецепт што на големо и од поодамна го користат антиродовите движења низ светот, беше платена со народни пари и катадневно видлива и преку јавниот национален сервис – иако не беше за „општо добро“! За мое, знам, сигурно не беше. 

 Не памтам дека дома некогаш дотогаш сме зборувале за абортус ниту, пак, за што било поврзано со сексуалноста или репродуктивните права. Ниту дека е исклучително важно да се оди на протести. Тогаш не бев сигурна што точно ме одведе на улица, но памтам како тивко во себе си мислев дека нешто не е во ред, дека се случува нешто што не смее да се случи. И неминовно низ глава ми пројде и мислата што ако јас некогаш треба да направам абортус. Ќе можам ли, со таков закон? 

Тогаш не знаев дека одговорот на ова прашање ќе го добијам набрзо, на лична адреса. Мислам дека единствениот пат во животот кога сум почувствувала како ми го снемува тлото под нозе беше кога дознав дека сум бремена. Непланирано бремена. Бев бесна, плачев, викав. Се тресев. Бев беспомошна зашто знаев дека што и да се случи од тој момент натаму, животот нема да тече како што јас сакав. Можеби и немав кој знае што испланирано, ама дете не доаѓаше предвид. Додека се возев на лудата железница од емоции, ме смрзна помислата дека абортусот по барање кај нас беше тукуречи невозможна мисија.

Афектот ко олуја пројде, се потсмирив и неосетно го занемарив гласот во себе што пред неполн месец врискаше дека само јас можам да одлучам кога ќе станам родител. Требаше да поминат години за да сфатам дека од мојот внатрешен глас тогаш погласен беше гласот на општеството за тоа што се очекувањата од мене како жена – а јас од мали нозе научена да ги исполнувам. Бев во долга врска, па иако непланирана, бременоста лека-полека ни стана дел од новата реалност. Вториот удар дојде кога гинекологот ни кажа дека фетусот има малформација. Абортусот повторно стана единствената опција. 

И така од прва рака, во одредена мера искусив што значи да правиш абортус во држава каде што абортусот стануваше сѐ потешко достапен. Не случајно велам во одредена мера бидејќи ми се чини дека сепак, парадоксално, бев во завидна ситуација: од денешна перспектива навистина мислам дека имав среќа во несреќа бидејќи абортусот поради медицински причини не само што тогаш беше единствено извесно достапен, туку и бесплатен. Ама тоа што лекарите без грижа на совест го потпишаа решението, воопшто не значеше дека беше лесно да се пројде низ целата процедура. 

Зошто го велам ова? Па затоа што иако и јас и лекарите знаевме што треба да се стори, морав да чекам три дена и морав да добијам советување кое беше до толку проформа што никој не ми објасни како ќе тече абортусот, ниту ми спомна нешто за контрацепција, а камоли да ме праша дали ми треба некој со мене за да имам поддршка. 

Тие три дена чекање станаа цела недела затоа што комисијата заседаваше еднаш неделно. Цела недела се будев и заспивав со чувство дека во мене има нешто што нема потреба да биде таму. Сѐ додека, години подоцна, не легнав на бокс за да го родам првото дете, мислев дека не постои посилна физичка болка од таа што ја чувствував за време на абортусот. Од оваа перспектива не ми се ни верува дека низ сето тоа поминав сама – без ниту еден свој поради строгите болнички правила. Ама години подоцна, секојпат кога ќе си приспомнам за абортусот, без утка ми текнува и на медицинската сестра која бесчувствително побара да не викам толку силно, велејќи „Јас ли сум ти крива?“. За првпат во животот тогаш ми успеа да одговорам ко што треба во вистинскиот момент, па ја прашав „А јас ли сум крива?“ Реторички, се разбира. 

Десет години по протестите, имам деца со истиот човек кој остана со мене и тогаш безусловно ме поддржа. Имаме и нов закон за абортус. Имаме и медикаментозен абортус, кој оди рака подрака со психолошка поддршка. Ама тоа не значи дека стигмата и предрасудите околу абортусот се историја. Баш напротив. 

Немаме сеопфатно сексуално образование кое навреме би ги учело младите за контрацепција – во случај родителите да не (знаат да) ги учат, а немаме ни достапна контрацепција. Муабет на темава – уште помалку. Но, затоа имаме и антиродово движење во чии редови има долгогодишни противници на правото на абортус, па дури и организации кои под капата на претходниот регресивен закон посветено и легално работеа да ги одвратат бремените жени од намерата да абортираат. 

Ако може да се научи нешто од образецот на делување на антиродовите движења низ Европа и светот, тоа е дека по правата на ЛГБТИ луѓето, а особено на трансродовите луѓе, следна мета е токму правото на абортус. Полска, каде што во изминатите две години бремени жени и мајки умреа додека лекарите од страв чекаа прво да му престане срцевата функција на фетусот, е најцрниот пример за крајноста до која може општеството да стигне, само декларативно тврдејќи – исто како и овдешново антиродово движење – дека им мисли добро на жените. Уште еден, не помалку загрижувачки е Хрватска каде што секоја прва сабота во месецот мажи клечат на главните плоштади во повеќе градови, молејќи се, меѓудругото, токму против истово право.

извор: riportal.net.hr

Ова е реалноста што нѐ опкружува денес, речиси половина век откако во Уставот на поранешна Југославија било запишано дека „Човекот има право слободно да одлучи за раѓање деца“. Откако станав дел од ХЕРА, станав баеги посвесна дека еднаш стекнатите права, иако основни човекови, не се вечни. Особено ако се поврзани со репродуктивното здравје на жените. Баш затоа мора да ни биде јасно дека кога се засилуваат бесмислиците, каде и да се случува тоа, порано или подоцна мета може да бидат (и) нашите тела и животи. Ако не сме будни и спремни барем да ги наречеме нештата со вистинското име, сето она што сме го направиле и што допрва сакаме да го направиме може прекуноќ да се сруши ко кула од карти!

Сфатив и дека на улица тогаш ме поведе поривот за репродуктивна слобода – затоа што нема ништо суштински поважно од тоа да можам самостојно да одлучувам што ќе се случува со моето тело и како ќе тече мојот живот. И затоа што кога некој сака слободата на лажиче да ја дава или сосема да ја земе, единствената моќ што ја имам е да кажам „не“. 

Авторката е координаторка за комуникации во ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни