Доаѓа ли „Сири 2.0“? „Епл“ наводно подготвува голема надградба за ајфоните

„Епл“ наводно подготвува „Сири 2.0“ во иОС 27, со напредна функција „Персонал Сири“ и можност за работа со повеќе апликации на ајфон.

„Епл“ би можел конечно да ја претстави значително подобрената верзија на гласовниот асистент „Сири“ како дел од првата бета-верзија на иОС 27, објавуваат технолошките медиуми.

Компанијата традиционално ја објавува првата бета-верзија на новиот иОС веднаш по воведната презентација на конференцијата ВВДЦ, а според најновите информации, токму иОС 27 бета 1 би можел да го донесе таканаречениот „Сири 2.0“, со функцијата „Персонал Сири“.

Новата верзија на асистентот би требало да биде многу покорисна во секојдневното користење на ајфонот. Наместо да одговара само на едноставни команди, „Сири“ би можел истовремено да пристапува и да обработува податоци од повеќе апликации на „Епл“, меѓу кои „Мејл“, „Фотос“, „Месеџис“, „Сафари“, „Ноутс“, „Контактс“, „Календар“, „Римајндерс“, „Мапс“ и „Волет“.

На пример, корисникот би можел да го праша кога му е закажан лекарски преглед и колку време му треба за да стигне до ординацијата. Во таков случај, „Сири“ би можел да ги најде информациите во „Мејл“ или „Календар“, а потоа преку „Мапс“ да го пресмета времето на пристигнување.

Според извештаите, „Сири“ би можел да стане многу понапреден четбот во рамки на иОС 27, благодарение на прилагоден модел на „Џемини“ со 1,2 билиони параметри. Се наведува и дека „Епл“ наводно му плаќа на „Гугл“ околу една милијарда долари годишно за користење на тој модел, објавува „Фоун арена“.

Кои телефони би го добиле „Сири 2.0“?

Доколку плановите не бидат дополнително одложени, корисниците вклучени во бета-програмата на „Епл“ би можеле да добијат пристап до „Сири 2.0“ веќе следниот месец преку иОС 27 бета 1.

Новата функционалност, според најавите, ќе биде достапна само на уреди што ја поддржуваат „Епл интелигенс“. Меѓу нив се наведуваат: ајфон 17 про макс, ајфон 17 про, ајфон 17, ајфон 17 плус, ајфон 17е, ајфон ер, ајфон 16 про макс, ајфон 16 про, ајфон 16, ајфон 16 плус, ајфон 16е, ајфон 15 про макс и ајфон 15 про.

„Епл“ вообичаено предупредува дека бета-верзиите на оперативниот систем можат да бидат нестабилни. Затоа корисниците што ќе сакаат да ја тестираат новата верзија треба претходно да направат резервна копија на податоците, бидејќи дел од функциите може да не работат правилно за време на тестирањето.

Доколку овие информации се потврдат, „Сири 2.0“ би можел да биде една од најголемите надградби на гласовниот асистент на „Епл“ досега — и обид компанијата конечно да го врати чекорот со конкуренцијата во трката за вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс