Казни за инвеститорот кај „Гологанов“: оштетени коловоз, тротоар, канализација и улично осветлување

Општина Центар изрече казни за инвеститорот кај „Теодосиј Гологанов“, каде при градежни активности се оштетени коловоз, тротоар, канализација и улично осветлување.

Инспекциските служби на Општина Центар, заедно со МВР, излегоа на терен по инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде при градежни активности беше оштетена јавна површина и инфраструктура.

Од Општина Центар соопштија дека по извршениот увид биле констатирани оштетувања на коловозот, тротоарот, канализационата мрежа и уличното осветлување.

Поради тоа, како што информираат од општината, веднаш биле изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.

Паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар ја обезбедиле локацијата. Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти, со цел да се заштитат граѓаните и да се овозможи безбедно движење во близина на оштетениот простор.

„Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“, соопштија од општината.

Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за заштита и санација, како и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба.

Од Општина Центар велат дека остануваат на терен и дека ќе го следат случајот сè до целосно отстранување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните.

Жители на улицата „Христо Смирненски“ претходно испратија фотографии и видеа од градилиштето, тврдејќи дека за време на градежните активности дошло до свлекување на земјиштето. Според нив, багер работел на градилиштето иако денот бил неработен, а околу 13:30 часот почувствувале тресење, кое го поврзуваат со свлекувањето на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс