Соединетите Американски Држави најавуваат поинаков пристап кон Западен Балкан, со јасна порака дека времето на американско „градење држави“ во регионот е завршено. Наместо тоа, Вашингтон ќе се фокусира на стабилност, економска соработка и партнерства што се од заеднички интерес.
Ова се наведува во извештајот на Стејт департментот до Конгресот за политиката на САД кон Западен Балкан, регион кој се оценува како директно важен за американската безбедност и економските интереси.
„Ерата на градењето држави на Балканот предводена од САД е завршена. Политиката на САД на Западен Балкан не е насочена кон спасување или реконструкција, туку кон стабилност и меѓусебно корисни партнерства“, се наведува во документот.
Во извештајот се посочува дека досегашните американски напори во регионот придонеле за стабилност и создале услови за нов тип ангажман. Вашингтон сега сака локалните актери сами да ги решаваат сопствените предизвици, наместо да се одржува прекумерна зависност од меѓународна интервенција или надзор.
САД, сепак, остануваат подготвени да обезбедат поддршка таму каде што нивното вклучување е пожелно и каде што ги унапредува американските интереси.
Како главни цели се наведуваат одржување на регионалната стабилност, спротивставување на злонамерното влијание на Русија и Кина, зајакнување на економската и трговската соработка, инвестиции во енергетика и инфраструктура, борба против организираниот криминал и продлабочување на безбедносната соработка.
Во документот се нагласува дека нестабилноста во регионот може да биде искористена од „злонамерни актери“ на штета на американските интереси. Се додава дека американските инвестиции во Западен Балкан во изминатите децении донеле конкретни резултати, меѓу кои и позитивни односи со сите шест земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
„Главниот столб на политиката на администрацијата е одржување на стабилноста во регионот како предуслов за постигнување други цели“, се наведува во извештајот.
Во тој контекст, САД најавуваат дека годинава планираат дијалог со Северна Македонија и Србија, како дел од напорите за развивање позитивни односи со сите актери во регионот.
Во извештајот се нагласува и дека нерешените спорови и долгогодишните поделби ја поткопуваат регионалната стабилност. Вашингтон продолжува да ги охрабрува Србија и Косово да го продолжат процесот на нормализација на односите, со цел постигнување траен договор прифатлив за двете страни.
За Србија, се наведува дека ќе продолжи безбедносната и одбранбената соработка „на начини што ги унапредуваат американските интереси“. За Косово, пак, се истакнува дека американските сили продолжуваат да учествуваат во мисијата на НАТО, КФОР, која има клучна улога во обезбедување безбедна средина и слобода на движење.
Вториот столб на новата политика е економијата. Стејт департментот наведува дека Западен Балкан, со околу 18 милиони жители, важни транспортни коридори, природни ресурси, растечки технолошки сектор и квалификувана работна сила, нуди значајни можности за американските компании.
САД ќе работат со владите во регионот на подобрување на деловното опкружување, намалување на регулаторните пречки, зајакнување на спроведувањето на договорите и поголема транспарентност во јавните набавки.
Посебен фокус ќе има и заштитата на критичната инфраструктура од предаторски странски преземања. За таа цел, Стејт департментот ќе соработува со повеќе американски институции, меѓу кои Министерството за трговија, Меѓународната корпорација за развојно финансирање, Банката за извоз и увоз и Агенцијата за трговија и развој.
Пораката од Вашингтон е јасна: САД не се повлекуваат од Балканот, но го менуваат моделот на присуство. Наместо улога на надворешен управувач или спасител, американската политика ќе се насочува кон партнерства, економски интереси, безбедносна соработка и стабилност што треба да ја носат самите земји од регионот.