Бројот на заболени од рак на кожа, односно меланом, постојано расте, а ова заболување е меѓу туморите со најголема експанзија во последниот период, предупредува Институтот за јавно здравје.
Според ИЈЗ, бројот на заболени годишно се зголемува за 4 до 5 проценти, што значи дека на секои 10 до 15 години бројот на пациенти речиси се удвојува.
Во Македонија во 2023 година биле регистрирани 49 новозаболени од меланом, со стапка на инциденца од 2,7 на 100.000 жители. Од нив, 27 биле мажи, со стапка од 3,0 на 100.000 мажи, а 22 биле жени, со стапка од 2,4 на 100.000 жени.
Во 2024 година од меланом починале 28 лица, со стапка на морталитет од 1,5 на 100.000 жители. Од нив, 16 биле мажи, а 12 жени. Стапката на смртност кај мажите изнесува 1,8 на 100.000 мажи, а кај жените 1,3 на 100.000 жени.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочува дека реалниот број на нови случаи веројатно е повисок.
„Појавата на меланом во Македонија веројатно надминува 250 нови случаи годишно, а во 2025 година околу 170 лица биле лекувани на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Моментално има над 500 лица кои живеат со меланом“, вели Клековски.
Кои се најголемите ризик-фактори?
Како фактори на ризик за појава на меланом се наведуваат прекумерното и неконтролирано изложување на сонце, особено поради професија или хоби, светла кожа, возраст над 50 години, повеќе од 50 бемки, семејна историја на меланом, претходен личен податок за меланом, изгореници од сонце, интензивно сончање во краток период, таканаречено „викенд“ сончање, користење солариум, зрачна терапија и ослабен имунитет поради хемотерапија, трансплантација на органи или ХИВ/СИДА.
ИЈЗ предупредува дека појава на нови промени на здрава кожа кај лица постари од 40 години се смета за сомнителна и во таков случај треба да се консултира дерматолог.
Во Европа годишно заболуваат од 10 до 15 лица на 100.000 жители. Меланомот во последните пет години е на листата на најчести малигни заболувања.
Мажите заболуваат почесто од жените, но кај лицата под 50 години стапката на заболени жени е повисока во однос на мажите. Бројни студии покажуваат дека жените со меланом имаат подобра стапка на преживување, најверојатно затоа што порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар.
Клучен фактор за добра прогноза е раното откривање.
Меланомот сè почесто се јавува и кај помлади лица
Меланомот најчесто се појавува во педесеттите години од животот, освен лентиго малигна меланомот, тип што главно се јавува во седмата деценија, најчесто на кожа долготрајно изложена на сонце, како лицето и рацете.
Во последните години, сепак, меланомот сè почесто се појавува и кај помладата популација, на возраст од 25 до 44 години, а многу ретко во пубертетот.
Ова заболување најчесто се јавува кај белата раса, додека кај црната и жолтата раса е значително поретко. Најмногу е распространето во Австралија и во земји со високо ниво на сончево зрачење.
Лицата кои веќе имале меланом имаат поголем ризик од развој на друг примарен меланом. Поголем ризик имаат и лицата кои претходно имале друг малиген тумор на кожата.
Како да се препознае сомнителна промена?
За рано препознавање на меланом се користи правилото А-Б-Ц-Д-Е.
Промената е сомнителна ако е асиметрична, ако нема јасни граници, ако се менува бојата, ако пречникот е поголем од 6 милиметри и ако се развива, односно ако има промени во бојата, големината, обликот, површината или висината.
Симптоми како јадеж или крварење исто така може да бидат предупредувачки знаци. Појава на нови промени на здрава кожа кај лица постари од 40 години треба да биде причина за консултација со дерматолог.
„Ракот на кожата може да се избегне, бидејќи ракот на кожа може да се види, може да се открие рано, а главниот фактор на ризик, изложеноста на УВ зраци, може да се намали со промени во однесувањето на сонце“, велат од ИЈЗ.
Заштитата од сонце е најважна превенција
ИЈЗ препорачува носење заштитна облека, избегнување директно изложување на сонце меѓу 11 и 16 часот во текот на летото, засолнување под сенка и редовно нанесување крем за сончање.
Посебно внимание треба да посветат лицата со сини очи, црвена или руса коса, пеги на кожата и нежен тен што лесно гори на сонце, бидејќи тие се меѓу најризичните групи.
Институтот предупредува дека особено треба да се заштитуваат децата, бидејќи прекумерното изложување на сонце во детството го зголемува доживотниот ризик од рак на кожата.
Меланомот е најсериозниот и најмалигниот карцином на кожата и слузниците. Се шири брзо преку лимфниот и крвниот систем во други делови од телото, поради што лекувањето во понапредната фаза е потешко, а исходот може да биде фатален.