Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека евентуалниот мировен договор со Иран „или ќе биде одличен и значаен, или нема да има договор“.
Во објава на социјалната мрежа „Трут сошл“, Трамп порача дека договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран мора да биде подобар од нуклеарниот договор постигнат за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама.
Според Трамп, тој договор бил „катастрофален“ и, како што наведе, претставувал директен пат за Иран кон нуклеарно оружје.
„Не, јас не работам такви работи. Договорот со Иран или ќе биде одличен и значаен, или нема да има договор“, напиша Трамп.
Американскиот претседател остро ги критикуваше и политичките противници кои, според него, го напаѓаат потенцијалниот договор без да знаат што точно содржи.
Тој рече дека „им се смее на сите демократи, републиканци и будали“ кои не знаат ништо за договорот што неговата администрација го преговара со Иран, но сепак ја критикуваат секоја негова, како што ја нарече, „фантастична победа“.
„Овие луѓе треба да си одат дома и да се одморат, тие не прават ништо друго освен создавање поделби и загуби. Со други зборови, тие се губитници“, порача Трамп.
Заедничкиот сеопфатен план за акција, постигнат за време на администрацијата на Обама, предвидуваше ограничување на иранската нуклеарна програма и нејзина исклучиво мирнодопска намена. За возврат, САД и другите потписнички се согласија на укинување дел од санкциите воведени против Иран.
Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога Вашингтон и Техеран се обидуваат да дојдат до нов договор, но тензиите меѓу двете страни остануваат високи.