НАСА го претстави експерименталниот авион X-70 Fractal: Новата летачка лабораторија ќе тестира напредни технологии

Леталото со човечки екипаж е замислено како приспособлива истражувачка платформа што ќе овозможи побрзо тестирање на нови технологии во воздух. Првиот лет се очекува во следните две години.

За време на конференцијата УП Самит во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида, американската вселенска агенција НАСА го претстави својот најнов експериментален авион X-70 Fractal. Станува збор за приспособлива истражувачка платформа со човечки екипаж, развиена според концептот на брзо конструирање и тестирање напредни воздухопловни технологии. Засега на јавноста ѝ е прикажана само компјутерски генерирана илустрација на леталото, за кое се очекува значително да ги забрза експерименталните истражувања во воздух.

Продолжение на богатата традиција на експериментални авиони

Авионот е дизајниран за управување со човечки екипаж и опремен е со систем за контрола на летот што овозможува брзо менување на конфигурацијата. Тоа треба да овозможи истражување маневарски способности што досега не биле испитувани кај летала со екипаж.

X-70 Fractal е конструиран да носи до 907 килограми експериментална опрема во внатрешни и надворешни товарни простори. Масата на леталото при полетување изнесува 4.536 килограми, а проектираната брзина на крстарење е 0,75 маха. Треба да може да достигне височина до 45.000 стапки, односно 13.716 метри, и оперативен долет поголем од 1.500 наутички милји (2.778 километри).

Со воведувањето на X-70 продолжува повеќедецениската традиција на експериментални авиони од серијата X во американското воздухопловство. Во неа спаѓаат историски модели како „Бел Икс-1“, кој во 1947 година прв ја проби звучната бариера, хиперсоничниот авион X-15 и современиот демонстратор на технологии за тивок суперсоничен лет X-59.

X-70 Fractal претставува нов чекор во развојот на следната генерација воздухопловни технологии, иако засега не е сосема јасно кои конкретни решенија ќе бидат тестирани со него.

„X-70 Fractal ѝ обезбедува на НАСА напредна платформа со екипаж за тестирање на современи системи за управување, маневрирање и други врвни технологии во реални услови на лет“, изјави директорот на НАСА, Џаред Ајзакман.

Тој нагласи дека модуларниот дизајн и можноста за брза промена на товарот ќе им овозможат на истражувачките тимови лесно да преминуваат од еден експеримент на друг. Првиот лет се очекува во следните две години.

Духовен наследник на „Црната птица“?

Објавата доаѓа по неодамнешните шпекулации дека НАСА можеби планира повторно да активира еден музејски примерок од авионот СР-71. Имено, оваа есен примерок од „Локид СР-71 Блекберд“, со сериски број 844, ненадејно бил преместен од долгогодишната надворешна изложба во истражувачкиот центар „Армстронг“ на НАСА во Калифорнија во затворен хангар. Станува збор за летало што го извело последниот лет на овој модел во 1999 година.

Специјализираниот портал „Евијајшн Вик“ набргу објави дека агенцијата започнала тајни процени и стапила во контакт со пензионирани инженери и техничари кои работеле на проектот СР-71, за да ја испита можноста за негово враќање во летна состојба.

Експерти потврдиле дека биле извршени визуелни прегледи, а било планирано и тестирање на електричните системи под напон. Сепак, и покрај шпекулациите, НАСА официјално ја отфрли можноста авионот повторно да полета.

Претставници на агенцијата тогаш објаснија дека станува збор само за чистење и проверка на леталото, нагласувајќи дека неговото повторно активирање во практика е неизводливо. Причините се недостигот на синџири за снабдување, отсуството на специјализирано гориво и уништената придружна земјена опрема.


Сепак, од НАСА потврдија дека забрзано работат на обновување на флотата експериментални авиони наменети за летови на големи височини и со брзини меѓу два и четири маха. Можно е токму на таквиот развој да се однесувала најавата за новиот X-70 Fractal.

е-Трн да боцка во твојот инбокс