„Сајбернападот врз супермаркетите беше само вовед во хаос“: Полскиот вицепремиер предупредува дека вештачката интелигенција отвора нова студена војна

Бројот на сајбернапади во Полска до 2027 година може да се зголеми десеткратно, предупредува Кшиштоф Гавковски. Тој повикува Европа да изгради систем на одвраќање сличен на оној што спречи директен судир меѓу САД и Советскиот Сојуз за време на Студената војна.

Порастот на сајбернападите засновани на вештачка интелигенција бара од Европа да изгради систем на одвраќање сличен на оној што спречи меѓусебно уништување на Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз за време на Студената војна. Ова го изјави полскиот вицепремиер Кшиштоф Гавковски, пренесува „Јуроњуз“.

Тој оцени дека технологијата што овозможува војување со помош на вештачка интелигенција бара темелно преиспитување на заедничката безбедност на европскиот континент.

Гавковски, кој раководи со полското Министерство за дигитални прашања, проценува дека бројот на сајбернапади во земјата до 2027 година може да се зголеми десеткратно, бидејќи напредните големи јазични модели (LLM) стануваат сè поефикасни, пософистицирани и подостапни за корисниците.

„Зачестеноста на ваквите инциденти само ќе расте. Не станува збор само за сајбер-криминалци, кои претставуваат закана со која генерално знаеме добро да се справиме, туку за противници и држави“, предупреди тој.

Според Гавковски, во Европа веќе се води дигитална војна.

„Некои земји се на првата линија на фронтот, како Полска, додека други сè уште не се таму, но ќе дојде ред и на нив“, посочи тој.

За време на Студената војна, самата закана од меѓусебно уништување беше доволна за да ги спречи САД и Советскиот Сојуз да влезат во директен вооружен судир што можеше да доведе до нуклеарна катастрофа. Денес, предупредува Гавковски, слично разорно сценарио би можеле да предизвикаат системи со вештачка интелигенција што би хакирале критична инфраструктура на некоја земја и би ја довеле во состојба на целосна парализа.

Сајбернападите врз супермаркетите се само почеток

Гавковски предупреди дека сајбернападите извршени оваа недела врз десетици супермаркети низ Европа, кои го нарушија работењето на системите за ладење и замрзнувачите и предизвикаа загуби од милиони, се само „вовед“ во хаосот што допрва може да следува.

„Мора да останеме свесни за противниците на државно ниво, како што се Русија, Белорусија и други. Исто така, мора јасно да ставиме до знаење: ако нè нападнете, ќе возвратиме“, изјави тој.


Полскиот вицепремиер ги повика европските земји да престанат да „затвораат очи“ пред размерите на заканата што ја претставува вештачката интелигенција и соодветно да ги приспособат националните стратегии и безбедносните ресурси. НАТО последен пат ја ревидираше својата стратегија за вештачка интелигенција во 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс