Слоновите во Кенија имаат своја природна аптека

Африканските слонови во Кенија можеби намерно бараат одредени растенија и минерали кога се болни, покажува ново истражување.
Фото: JackyR, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Локални познавачи на дивиот свет тврдат и дека слониците џвакаат одредени корења и листови, ги мешаат со млекото и им ги даваат на младенчињата како своевидна „имунизација“.

Истражувањето, објавено во списанието Scientific Reports, се однесува на дивите африкански слонови во областа на планината Елгон во Кенија.

Научниците до сознанијата дошле преку разговори со осум припадници на домородната заедница Сабаот – луѓе кои повеќе од две децении ги следат слоновите како извидници, водичи, старешини и ренџери.

Според нивните сведоштва, слоновите користат 35 видови растенија и четири вида почва или минерали. Интересно е што дури 87 отсто од овие природни ресурси се користат и во традиционалната медицина на локалното население.

Растенија што можеби ги користат како лек

Истражувачите издвоиле осум растителни видови по кои, според сведоштвата, болните слонови изгледа намерно трагаат поради нивното можно терапевтско дејство.

Авторите на студијата сметаат дека ова е еден од досега најсилните показатели дека кај слоновите би можело да постои намерно самолекување, а не само случајно избирање храна.

Локалните набљудувачи опишале и необично однесување кај слониците. Мајките, според нивните сведоштва, џвакаат одредени корења и листови, потоа растителниот материјал го мешаат со своето млеко и им го даваат на младенчињата. Тие ова го опишуваат како своевидна „имунизација“.

Забележано е и дека слоновите користат одредени растенија од родот Dombeya за полесно варење и омекнување на изметот, додека на младенчињата им даваат друго растение кое може да го поттикне апетитот.

Природна „аптека“ во планината Елгон

Слоновите од планината Елгон, вулкански масив на границата меѓу Кенија и Уганда, и досега биле познати по необично однесување. Со помош на своите копачи тие влегуваат длабоко во пештерите за да стигнат до сол и глина богати со минерали.

Новото истражување, сепак, укажува дека нивната природна „аптека“ можеби е многу поголема.

Коавторката на студијата Елодие Фрајман од Универзитетот Браун смета дека откритијата отвораат пошироко прашање за тоа што губи човештвото со исчезнувањето на шумите.

Таа ги опишува растенијата како „фабрики за лекови“ кои се наоѓаат насекаде околу нас.

Сè уште нема конечен доказ

Научниците, сепак, предупредуваат дека истражувањето не е конечен доказ дека слоновите свесно се лекуваат.

Приматологот Мајкл Хафман од Универзитетот во Нагасаки, кој не учествувал во истражувањето, оценува дека сведоштвата за однесувањето на слониците кон младенчињата се интересни, но дека се потребни дополнителни докази за да се потврди дека станува збор за специфичен медицински третман.

И самите автори нагласуваат дека досегашните резултати се засноваат на набљудувања. Следниот чекор би бил фармаколошко тестирање на растенијата и долгорочно следење на однесувањето на слоновите.

Истражувањето е дел од сè поголем број научни студии за самолекувањето кај животните – област позната како зоо­фармакогнозија. Вакво однесување досега се проучувало кај различни видови, од шимпанза и орангутани до пчели и муви.

Научниците сметаат дека зачувувањето на овие шуми е важно не само за животните, туку и за човекот – бидејќи растенијата што денес ги користат животните можеби еден ден би можеле да откријат супстанции корисни и за човечката медицина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс