Скриената закана во чинијата: Македонците внесуваат двојно повеќе сол од препорачаното

Жителите во Македонија дневно внесуваат околу 11 грама сол – повеќе од двојно над препораките на СЗО. Инстант супите, сувомеснатото и лебот се меѓу главните „тивки“ извори на сол што го зголемуваат ризикот од хронични болести.

Додека граѓаните сè почесто внимаваат на шеќерот, калориите и мастите, една состојка и натаму останува речиси невидлива во секојдневната исхрана – солта. Но токму таа, според здравствените институции, претставува еден од најголемите ризици за развој на хронични болести кај населението.

По повод Неделата за подигнување на свесноста за солта, Институтот за јавно здравје објави загрижувачки податоци: жителите во Македонија во просек внесуваат околу 11 грама сол дневно, што е повеќе од двојно над препорачаната граница од 5 грама утврдена од Светската здравствена организација.

Проблемот, според експертите, не е само во навиката храната дополнително да се досолува. Најголемиот дел од внесената сол всушност доаѓа од индустриски и високо преработени производи кои секојдневно се консумираат, често без свесност колку натриум содржат.

Анализата на 221 прехранбен производ покажала дека кај голем дел од нив содржината на натриум ги надминува препорачаните вредности на СЗО. На врвот на листата се инстант супите и нудлите, преработеното месо, сувомеснатите производи, солените закуски, млечните производи, но и лебот и житарките – намирници кои речиси секојдневно се наоѓаат на трпезите.

Токму лебот претставува еден од најпотценетите извори на сол. Иако ретко кој го доживува како „солена храна“, честата консумација значително придонесува за вкупниот дневен внес на натриум. Истото важи и за кашкавалите, сирењата и готовите сосови.

Последиците од прекумерниот внес не се само краткорочни. Високото количество сол директно се поврзува со покачен крвен притисок, зголемен ризик од мозочен удар, срцеви заболувања и бубрежни проблеми. Здравствените системи ширум светот веќе со години ја третираат прекумерната употреба на сол како тивка, но масовна закана за јавното здравје.

Дополнителен проблем е што потрошувачите тешко можат да проценат колку сол навистина внесуваат. Декларациите често се нејасни, а дел од производите користат различни ознаки за натриум и сол, што создава конфузија кај купувачите.

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат постепено намалување на солта при подготовка на храната, избегнување дополнително досолување и почесто користење природни зачини и билки како замена. Посебен акцент се става и на внимателното читање на декларациите и изборот на производи со помала содржина на натриум.

Но прашањето останува пошироко од индивидуалните навики. Дел од експертите сметаат дека без посилна регулација и притисок врз прехранбената индустрија, тешко може да се очекува значително намалување на внесот на сол кај населението. Во повеќе европски земји веќе се воведуваат стандарди за максимално дозволена количина на сол во одредени производи, како и појасно означување на „скриениот“ натриум.

Во Македонија, пак, борбата засега главно се сведува на апели и кампањи за подигнување на свеста. А бројките покажуваат дека проблемот одамна ја надминал фазата на предупредување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс