Силна бура што ја погоди Франција преку ноќ по продолжениот топлотен бран одзеде најмалку два живота и остави 53.000 домаќинства без електрична енергија. Информации за последиците од бурата објавија француските медиуми и националниот оператор на електрична мрежа, пренесува
Ројтерс .
Една од жртвите е жена која почина во четвртокот навечер во градот Сен-Викторниен во централниот департман Горна Вјена откако врз неа падна дрво. На истокот од земјата, во Доломије, тело на маж е пронајдено во работилница уништена од пожар. АФП објави дека пожарот е предизвикан од удар на гром.
Операторот на електричната мрежа „Енедис“ во петокот потврди дека вкупно 53.000 домаќинства останале без електрична енергија. Најголеми проблеми со снабдувањето се регистрирани во регионите Оверњ-Рона-Алпи на југоисток и Нова Аквитанија на југозапад од Франција.
Националната метеоролошка служба Метео-Франс во петокот го укина портокаловото предупредување за грмотевици во сите погодени департмани на југоистокот од земјата. Службата претходно предупреди на ризик од голем град и силни ветрови во областа од Централниот Масив до Алпите.