Швајцарија воведува казни за свастики и нацистички поздрави на јавни места

Швајцарската влада предлага парични казни од 200 франци за јавно истакнување на нацистички симболи и изведување нацистички поздрави, поради зголемен број антисемитски инциденти.

Швајцарската влада предложи нов закон со кој јавното истакнување на нацистички симболи и изведувањето нацистички поздрави ќе се казнува со парична казна од 200 швајцарски франци. Според предлогот, санкциите ќе се применуваат за лица кои намерно користат нацистички симболи, ги истакнуваат во јавност, ги носат како тетоважи или изведуваат гестови како познатиот нацистички поздрав. Мерките ќе важат и за содржини објавени на интернет и во аудиовизуелни медиуми.

Од швајцарската влада велат дека законските измени се неопходни поради порастот на антисемитските инциденти во земјата. Воведувањето казни што ќе можат да се изрекуваат веднаш на лице место треба да овозможи побрза и поефикасна примена на законот. Сепак, предвидени се исклучоци за образовни, научни, културни и новинарски цели, кога употребата на овие симболи е во контекст на истражување, информирање или историска анализа.

Предлог-законот следува по позитивните реакции од јавната расправа за забраната на нацистичките симболи, а иницијативата доби поддршка и од швајцарскиот парламент уште во 2024 година. Со новото законско решение се настојува да се затвори правната празнина во постојното законодавство, според кое екстремистичките симболи беа казниви само ако постоеше јасен доказ дека се користат за промовирање на нацистичка или екстремистичка идеологија.

Властите сметаат дека новите мерки ќе помогнат во борбата против говорот на омраза, екстремизмот и ширењето на антисемитски пораки во јавниот простор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс