Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на свеченоста во Серес на 8 ноември го претстави договорот како исправување на историска неправда и најави продолжување на преговорите за враќање други историски предмети што се наоѓаат на бугарска територија.
Размената е резултат на договорот меѓу Атина и Софија, постигнат по повеќегодишни преговори. Двете држави на 29 септември потпишаа меморандум за разбирање, а на 3 октомври во Солун, во присуство на премиерите на двете земји, беше потпишан протоколот за примопредавање на културните вредности.
Со договорот Бугарија врати 48 црковни предмети што биле однесени од територијата на денешна Грција во 1917 година, за време на Првата светска војна. Меѓу нив се икони, процесиски крстови, литургиски одежди, реликвијари, црковни прибори и богато украсен епископски престол.
Предметите потекнуваат од манастирот „Свети Јован Крстител“ кај Серес, манастирот „Панагија Икосифиниса“ и црквите на Серската митрополија. Дел од нив датираат од периодот меѓу 16 и 19 век и имаат голема историска, верска и уметничка вредност.
По преземањето, реликвиите биле изложени во Музејот на византиската култура во Солун до 5 ноември, а потоа биле вратени во црковните установи од кои потекнуваат.
На свечената богослужба во митрополитската црква во Серес, Мицотакис изјави дека враќањето на предметите претставува резултат на долготрајни дипломатски напори и дека грчката држава нема да се откаже од барањето за враќање на преостанатите историски вредности.
Според него, постигнатиот договор покажува дека и најсложените историски прашања меѓу соседни држави можат да бидат решени преку преговори.
За возврат, Грција се согласи на Бугарија да ѝ ги предаде останките идентификувани како посмртни останки на цар Самуил, заедно со дополнителниот антрополошки материјал пронајден во четири саркофази во базиликата „Свети Ахил“ на Малото Преспанско Езеро.
Останките биле откриени во 1965 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос и со децении се чувале во Грција.
Токму предавањето на останките на Самуил предизвика реакции во дел од грчката јавност, каде што се поставуваше прашањето дали размената е рамноправна. Мицотакис ги отфрли критиките, оценувајќи дека договорот овозможува враќање на културни вредности што повеќе од еден век биле надвор од земјата.
Грчкиот премиер нагласи дека културното наследство не треба да се третира како воен плен и дека неговото враќање претставува чин на почитување на историската меморија.
Договорот, меѓутоа, не ја затвора листата на меѓусебни барања. Според официјалните информации од грчката влада, Атина и Софија се согласиле да продолжат со идентификација на други историски предмети од заемен интерес што не биле опфатени со сегашната размена.
Со тоа, останките на цар Самуил стануваат дел од поширок дипломатски договор меѓу Грција и Бугарија, во кој историското и културното наследство добиваат значајна улога во билатералните односи.
За Македонија, договорот има дополнително историско значење поради местото на цар Самуил во македонската средновековна историја. Размената е договорена и спроведена меѓу Атина и Софија, без Македонија да биде страна во неа.
