„Еуроњуз“ е основан со идеја Европа да има сопствен меѓународен информативен канал, независен од националните влади и политичките интереси. Но, повеќе од три децении подоцна, сопственичките промени и партнерствата со компании поврзани со државни структури отвораат прашања за тоа колку европскиот медиумски бренд успева да ја зачува својата првична мисија.
Истражувањето на „Рапортер“, засновано на финансиски документи и разговори со 14 сегашни и поранешни вработени, укажува на серија политички и деловни врски што се развивале паралелно со проширувањето на телевизиската мрежа.
Во центарот на приказната е португалскиот инвеститор Педро Варгас Давид, претседател на „Еуроњуз“ и човек поврзан со инвестициската компанија „Алпак капитал“, која ја презеде телевизијата во 2022 година.
Неговиот татко, Марио Давид, поранешен европратеник од Португалија, со години одржува политички контакти со Виктор Орбан. Тој има и долгогодишни односи со Александар Вучиќ, потврдени и од кабинетот на српскиот политичар.
Според истражувањето, преземањето на „Еуроњуз“ било поддржано од инвеститор близок до Орбан, додека Педро Варгас Давид претходно учествувал во големи зделки на унгарскиот телекомуникациски пазар.
Посебно внимание привлекува интервјуто што „Еуроњуз“ го организирал со Вучиќ на самит за проширувањето на Европската Унија во Брисел. Новинарските прашања биле оценети како невообичаено благи, а темите за масовните протести во Србија и критиките за демократските стандарди останале надвор од разговорот.
Вучиќ за време на интервјуто го споменал своето пријателство со Марио Давид, таткото на инвеститорот кој ја контролира телевизиската мрежа.
Но најсериозните сведоштва за притисоци доаѓаат од Белград.
„Еуроњуз Србија“ започна со работа во 2021 година во партнерство со „Телеком Србија“, компанија во претежно државна сопственост. Телевизијата била претставена како нов медиум што ќе ги донесе европските стандарди на српскиот пазар.
Поранешни вработени, сепак, тврдат дека со текот на времето уредувачката независност станувала сè поограничена.
„Ни беше кажано да не заборавиме кој нè плаќа“, изјавил поранешен продуцент во истражувањето.
Конфликтот станал особено видлив во април 2025 година, кога речиси 80 вработени се оградиле од соопштение на раководството поврзано со блокадата на Радио-телевизија Србија. Тие тврделе дека ставот бил објавен без нивна согласност.
Дел од новинарите што го потпишале писмото подоцна добиле откази. Новинарските организации ги оцениле овие одлуки како одмазда за јавното спротивставување на раководството.
Регионалната директорка Миња Милетиќ ги отфрлила обвинувањата за политички мотивирани отпуштања. „Телеком Србија“, исто така, негирал дека се меша во уредувачките одлуки.
Новинарите очекувале заштита од централата на „Еуроњуз“, но според нивните сведоштва, реакција не следела.
Загриженоста не била ограничена на српската редакција. Група од 48 вработени во пошироката телевизиска мрежа испратила анонимно писмо до Педро Варгас Давид, предупредувајќи дека мешањето во новинарската работа доведува до самоцензура, одложување на објавувањето информации и губење на кредибилитетот.
Во меѓувреме, инвестициските интереси на „Алпак капитал“ се прошириле и кон други регионални медиуми, меѓу кои Н1, ТВ Нова, „Радар“ и „Данас“, што дополнително го отвора прашањето за концентрацијата на медиумска сопственост и влијанието врз редакциите.
Истражувањето го поставува и прашањето за улогата на Европската Унија. „Еуроњуз“ со години добива европски средства за одредени информативни содржини, но контролата на Европската комисија не претставува целосен надзор врз уредувачката независност и сопственичките интереси.
Австрискиот европратеник Хелмут Брандштетер побарал поголема транспарентност на финансирањето и посилни гаранции за слободата на новинарите.
Кабинетот на Вучиќ ги отфрлил обвинувањата за политичко мешање во работата на телевизијата, додека управата на „Еуроњуз“ не одговорила на барањата за коментар од истражувачите.
Истражувањето не докажува дека телевизиската мрежа е директно контролирана од Вучиќ или Орбан. Но, финансиските врски, сведоштвата на новинарите и конфликтите во редакциите отвораат важно прашање за европската јавност: колку може да биде независен медиум чии сопственици имаат блиски политички и деловни контакти со луѓето за кои тој известува?
