Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени го повика премиерот Христијан Мицкоски на јавна дебата за студентскиот оброк, откако премиерот ги оцени неговите критики како навреда за професорите.
Ходаи бара одговор зошто дневната субвенција останува 140 денари и посочува дека износот треба да се усогласува со инфлацијата. Од Форумот веќе поднесоа тужба во име на шестмина студенти, со барање за ретроактивна исплата на разликата.
Повик за дебата за студентскиот оброк
„Секогаш кога ве критикуваме како премиер, вие се браните како професор“, порача Ходаи во видеопораката.
Тој оцени дека вистинската навреда е омаловажувањето на студентите и неисплаќањето на износот што, според него, им следува. Наместо натамошна полемика преку медиумите, предложи јавна дебата „сред чаршија“, оставајќи му на Мицкоски да избере дали ќе настапи како премиер или како професор.
Ходаи ја спомена и академската кариера на Мицкоски, обвинувајќи го дека станал професор откако бил асистент кај татко му.
Мицкоски вели дека бил шокиран од изјавата
Полемиката почна откако Ходаи предложи студентите да добијат пристап до бифеата на Собранието и Владата, каде што, според неговото тврдење, функционерите можат да јадат бифтек за 160 денари. Со споредбата праша што можат да купат студентите со дневната субвенција од 140 денари.
Мицкоски одговори дека бил непријатно изненаден и шокиран. Оцени дека е непристојно да се навредуваат редовни професори, нагласувајќи дека и тој и министерката Весна Јаневска со години работеле со студенти.
Премиерот кажа и дека по завршувањето на политичкиот ангажман ќе се врати на Универзитетот и додаде дека Владата разгледува дополнителни попусти за студентите во трговските синџири.
Тужба за разликата и предлози за повисока субвенција
Форумот за образовни промени на 6 ноември поднесе тужба против МОН пред Управниот суд. Бара да се утврди дека Министерството не го усогласувало износот со инфлацијата и да се наложи исплата на разликата.
Според пресметката на Форумот, усогласениот дневен износ би бил околу 165 денари. Одделно, Националното студентско тело побара зголемување на 200 денари дневно.
Владата, претходно предложи модел со 4.500 денари месечно и дигитално користење на средствата, но на средбата со студентските претставници не биле договорени конечниот износ и датумот на примена.
