Димче Арсовски е нов директор на МКЦ, Бени Шаќири оди во кабинетот на Ѓорѓиевски

Смената доаѓа неколку дена откако Русе Арсов објави дека си заминува од МКЦ, центар чија посетеност меѓу 2019 и 2025 година се намали за речиси 80 отсто.
Фото: Арбен Шаќири - Фејсбук

Поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, е нов директор на Младинскиот културен центар во Скопје. Смената на 9 ноември ја објави досегашниот директор Арбен Бени Шаќири на својот профил на Фејсбук.

Шаќири соопшти дека му поднел неотповиклива оставка на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски од лични причини. На предлог на градоначалникот, ќе се приклучи на неговиот кабинет како советник за култура. На Арсовски му посака успех во справувањето со тешкотиите со кои се соочува културата во Скопје.

Неколку дена пред Шаќири да ја соопшти смената, долгогодишниот продуцент и поранешен в.д. директор Русе Арсов објави дека си заминува од МКЦ по три децении поврзаност со центарот. Во збогувањето на Инстаграм пишуваше за изгубената публика и за условите во кои работи колективот, од недостиг на греење и опрема до недостиг на персонал.

Според податоците што претходно ги објави Трн, МКЦ во 2019 година реализирал 666 настани со вкупно 113.285 посетители. Во 2025 година центарот евидентирал 23.045 посетители. Во истиот период се намалила и сопствената продукција, а во календарот сè повеќе преовладуваа еднократни настани на надворешни организатори.


По доаѓањето на Арсовски, Градот Скопје треба да објасни врз кои критериуми е избран, имајќи предвид дека не доаѓа од позиција која подразбира менаџмент во културна институција и каква програма очекува од него. За МКЦ, резултатот од смената ќе се види во тоа колку сопствени продукции ќе има, колку простор ќе добие независната сцена и дали публиката ќе има причина повторно да доаѓа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс