Александар Чупиќ е предлогот на студентите од Сообраќајниот факултет при Универзитетот во Белград за претседател на Народното собрание на Србија, дознава „Нова.рс“.
Станува збор за предлог на еден факултет, додека конечната одлука за кандидатот на Студентската листа треба да ја соопшти студентското движење. Според порталот, факултетите ги доставуваат своите предлози, по што следува гласање.
Александар Чупиќ: Да ја почекаме одлуката на студентите
„Нова.рс“ наведува дека имала увид во документ во кој Чупиќ е предложен за претседател на парламентот. Во документот се посочува и дека е во тек изјаснување на пленумите за начинот на избор на собраниските функции и составувањето на владата.
Чупиќ за порталот изјавил дека не е запознаен со предлозите и дека не би ја коментирал функцијата пред конечната студентска одлука.
„Најдобро е да ги почекаме студентите“, рекол тој.
Универзитетски професор и учесник на студентските собири
Чупиќ е доктор на науки и доцент на Сообраќајниот факултет во Белград, каде што работи повеќе од две децении. Неговиот академски ангажман е поврзан со поштенскиот сообраќај, транспортните мрежи и примената на информатичките технологии.
Во јавноста стана препознатлив и по настапите на студентските собири. На собир во Сурчин испеал преработка на „Ајде Јано“ со стихови за поддршка на студентите. Претходно, со семејството организирал сместување за студенти што пешачеле кон Крагуевац.
Покрај академската работа, се занимава со земјоделство и со семејството води земјоделско стопанство во Сопот. На изборната листа „Студентска листа – Студентите победуваат“ е наведен на 51. место.
