Повик за „кршење коски“ на новинарката Милка Смилевска, ЗНМ бара итна реакција од МВР

Експлицитни повици за физичко насилство врз новинарката Милка Смилевска се појавиле на Фејсбук, по објавување фотомонтажа со нејзиниот лик.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го пријавило случајот во Министерството за внатрешни работи и бара итно идентификување на лицата што ги упатиле заканите.

Според ЗНМ, на профилот „Вистината боли“ била објавена тенденциозна фотомонтажа од новинарката, по што следувале навредливи и заканувачки коментари. Меѓу нив бил и повикот за „кршење коски на ороспии платени од Сорос сатаната“.

Од Здружението оценуваат дека станува збор за директно повикување на физичко насилство, а не за изразување критички став или несогласување со новинарската работа.

Заканите, посочуваат од ЗНМ, претставуваат опасност за личната безбедност на Смилевска, но истовремено испраќаат порака за заплашување и до другите новинари.

Во реакцијата се нагласува дека слободата на изразување не може да биде оправдување за поттикнување насилство, лични дискредитации и закани кон медиумски работници. Несогласувањето со новинарски текст, став или професионален ангажман не дава право на повикување на физички напад.

ЗНМ веќе го доставило случајот до Секторот за компјутерски криминал при МВР, со барање да бидат идентификувани лицата одговорни за заканите и да се преземат соодветни законски мерки.

Од Здружението бараат полицијата да ја испита и потребата од мерки за заштита на новинарката.

„Институциите не смеат да ги третираат ваквите закани како обични коментари на социјалните мрежи, особено кога станува збор за експлицитни повици за физичко насилство“, предупредуваат од ЗНМ.

Случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста на новинарите во дигиталниот простор, каде што навредите и заканите можат да се шират јавно, а нивните последици да се почувствуваат и надвор од социјалните мрежи.


ЗНМ очекува надлежните институции да постапат без одлагање и да обезбедат заштита на новинарката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс