Во сеопфатната студија за атмосферските реки во тековното издание на списанието „Journal of Climate“ се вели дека обилните врнежи од дожд и силниот ветер, кои најчесто ја потопуваат Калифорнија и другите делови на Запад, стануваат се поголеми, повлажни и почести во изминатите 45 години како што се загрева светот.
Атмосферските реки се долги и релативно тесни појаси на водена пареа. Тие земаат вода од океаните и течат низ небото фрлајќи дожд во огромни количини.
Во студијата се посочува дека површината којашто ја натопуваат е зголемена за 6 до 9% од 1980 година, нивната фреквенција е зголемена за 2 до 6 отсто и се малку повлажни од порано.

Научниците долго време предвидуваат дека како што климатските промени од согорувањето на јаглен, нафта и гас го прават потопол воздухот, тој задржува повеќе влага, што значи дека во иднина ќе доаѓаат поголеми и понемилосрдни атмосферски реки. Овонеделната студија покажува дека повлажната иднина веќе е тука
„Ова не значи дека сето тоа е поради климатските промени. Ние не го проучувавме тоа, но, општо земено, се усогласува со некои очекувања за тоа како атмосферските реки ќе се променат во атмосферата што се загрева“, вели водечкиот автор на студијата Лекси Хени, атмосферски научник од Универзитетот во Северна Каролина, која го правеше своето истражување додека беше во НАСА и додаде: „Она што веќе се случи сè уште е мало во однос на промените што мислиме дека ќе се случат во идниот потопол свет“.
И додека атмосферските реки можат да донесат многу дожд којшто е потребен на местата погодени од суша, тие често се опасни кога се силни и кога траат долго.

Пред нешто повеќе од една година, во Калифорнија серија атмосферски реки предизвикаа стотици одрони од кал и загинаа неколку луѓе. Во 1860-тите, Калифорнија мораше да го пресели својот главен град од Сакраменто поради поплавување од атмосферска река.
„Овие настани не се само калифорниски проблем. Тие всушност се случуваат низ САД и во светот, иако понекогаш не се препознаваат како атмосферски реки“, рече Хени.
Атмосферска река во Нова Англија во 2023 година донесе дожд и ветрови со брзина од 50 милји на час. Како последица на атмосферска река во 2020 година во Алјаска наврнаа 99 инчи или околу 2,5 метри снег.