Меѓународен ден за целосно елиминирање на нуклеарното оружје – Светот и понатаму живее со над 12.000 нуклеарни боеви глави

На Меѓународниот ден за целосно елиминирање на нуклеарното оружје, 26 септември, бројките покажуваат дека разоружувањето забавува, додека новата трка во вооружување веќе е во тек.

Осумдесет и една година по Хирошима и Нагасаки, човештвото и понатаму чува арсенал доволен да го уништи светот повеќепати. На почетокот на 2026 година, девет држави САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел заедно поседуваа околу 12.187 нуклеарни боеви глави, од кои 9.745 се наоѓаа во воени залихи и се сметаа за потенцијално оперативно достапни. Околу 4.012 од нив беа распоредени со оперативни сили, додека останатите се наоѓаа во централни складишта.

Намалувањето на вкупниот број во последните децении, пак, не значи дека нуклеарната закана исчезнува. SIPRI предупредува дека сите девет нуклеарни држави продолжиле да ги зајакнуваат своите арсенали во 2025 година, а стапката на расклопување на старите боеви глави наскоро би можела да биде надмината од стапката со која нови боеви глави се произведуваат и внесуваат во залихите.

Генералното собрание на ОН во 2013 година го прогласи 26 септември за Меѓународен ден за целосно елиминирање на нуклеарното оружје, со цел да се подигне јавната свест за заканата што ова оружје ја претставува за човештвото и за потребата од негово целосно укинување. Денот е можност меѓународната заедница повторно да ја потврди посветеноста на глобалното нуклеарно разоружување и да ја информира јавноста и светските лидери за последиците од постоењето на нуклеарното оружје, но и за придобивките од неговото елиминирање.

Во 2026 година, бидејќи 26 септември се паѓа во сабота, Генералното собрание на ОН ќе одржи еднодневен состанок на високо ниво на 29 септември во седиштето на ОН во Њујорк. Датумот не е случаен. На 26 септември 1983 година, советскиот систем за рано предупредување регистрирал наводен американски напад со балистички ракети, што подоцна се покажал како лажна тревога. Дежурниот офицер, полковник Станислав Петров, не го потврдил нападот пред повисоката команда, со што придонел да не биде активиран советскиот механизам за одмазднички удар.

Еден човек, една одлука и светот продолжил понатаму, без поголемиот дел од човештвото да знае колку бил блиску до нуклеарна катастрофа.

Колку боеви глави постојат и кој ги има

Од вкупно 12.187 боеви глави, околу 4.012 се распоредени со оперативни сили, на ракети и авиони, додека останатите се во централни складишта. Помеѓу 2.100 и 2.200 од распоредените боеви глави се чуваат во состојба на висока оперативна готовност на балистички ракети. Тоа значи дека повеќе од две илјади нуклеарни боеви глави се подготвени за потенцијално брза употреба.

Распределбата е крајно нерамномерна. Русија и САД заедно поседуваат околу 86 отсто од вкупниот светски нуклеарен инвентар и околу 83 отсто од боевите глави во воените залихи. Според проценките на Федерацијата на американски научници, Русија има околу 5.420 боеви глави, а САД околу 5.042. Следуваат Кина со околу 620, Франција со 370, Велика Британија со 225, Индија со 190, Пакистан со 170, Израел со 90 и Северна Кореја со околу 60 боеви глави.

Бројките се проценки, бидејќи повеќето нуклеарни сили не ги објавуваат целосните податоци за своите арсенали. Европа не е само набљудувач. Околу 100 до 120 американски нуклеарни бомби Б61 се распоредени во европски бази, во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција, додека статусот на британското распоредување останува предмет на проценки.

Кои се нуклеарните сили денес?

Русија и САД и понатаму доминираат во глобалниот нуклеарен арсенал, но сликата постепено се менува. Кина го проширува својот нуклеарен арсенал побрзо од која било друга нуклеарна сила. Според SIPRI, Кина продолжува да гради голем број нови силоси за интерконтинентални балистички ракети и да ги проширува своите способности за нуклеарно одвраќање.

Сепак, дури и ако кинескиот арсенал достигне повеќе од 1.000 боеви глави до 2030 година, тој и понатаму би бил значително помал од американскиот и рускиот. Трендот на транспарентност, пак, оди наназад. SIPRI предупредува дека нуклеарните сили стануваат сè позатворени во однос на информациите за своите арсенали, што е поврзано и со слабеењето на механизмите за контрола на вооружувањето.

Во исто време, нуклеарните држави инвестираат во модернизација на боевите глави, носачите и инфраструктурата. Тоа значи дека и покрај падот на бројот на боеви глави во споредба со врвот од Студената војна, преостанатите арсенали се технолошки значително пософистицирани.

Кратка историја на атомското оружје

Нуклеарната ера започна на 16 јули 1945 година со пробата „Тринити“ во пустината во Ново Мексико. Три недели подоцна, на 6 август, американскиот бомбардер „Енола Геј“ ја фрли бомбата „Малото момче“ врз Хирошима, а на 9 август „Дебелиот човек“ беше фрлен врз Нагасаки. Проценките се дека до крајот на 1945 година во Хирошима загинале околу 140.000 луѓе, а во Нагасаки околу 74.000. Илјадници преживеани, познати како хибакуша, со децении се соочувале со последиците од изложеноста на радијација.

Тоа се единствените два случаи во историјата кога нуклеарно оружје било употребено во војна.

Потоа следувала трката. Советскиот Сојуз ја тестирал својата прва атомска бомба во 1949 година, Велика Британија во 1952, Франција во 1960, Кина во 1964, Индија во 1974, Пакистан во 1998, а Северна Кореја во 2006 година. Во текот на Студената војна биле изведени повеќе од две илјади нуклеарни проби, а бројот на боеви глави драматично се зголемил. Светскиот нуклеарен инвентар достигнал врв од околу 70.300 боеви глави во 1986 година.

Кубанската ракетна криза во октомври 1962 година останала запаметена како еден од моментите кога светот бил најблиску до нуклеарна војна. Инцидентот со Петров во 1983 година, како и вежбата на НАТО „Ејбл Арчер“ истата година, покажале дека опасноста не произлегува само од намерите на државите, туку и од технички грешки, погрешни проценки и недоразбирања.

Намалувањето на арсеналите по крајот на Студената војна беше значајно, но најголемиот дел од тоа намалување се случи во 1990-тите. Денес, нуклеарните сили повторно инвестираат во модернизација и развој на нови системи.

Колку е реална опасноста

Симболичниот Часовник на судниот ден никогаш не бил поблиску до полноќ. На 27 јануари 2026 година, Билтенот на атомските научници го помести часовникот од 89 на 85 секунди до полноќ најблиската позиција до полноќ во неговата историја. Часовникот не е научен инструмент за мерење на конкретната веројатност од нуклеарна војна, туку симболична проценка на глобалните егзистенцијални ризици од страна на научниот одбор на Билтенот. Во образложението за 2026 година, меѓу другото, се наведуваат растечката геополитичка конфронтација, слабеењето на меѓународната соработка и ризикот од нуклеарна ескалација.

Причините за загриженост се конкретни. Договорот „Нов СТАРТ“ меѓу Вашингтон и Москва истече на 5 февруари 2026 година без наследник, со што за првпат по децении нема билатерален договор што ги ограничува стратешките нуклеарни арсенали на САД и Русија.

И режимот на неширење се соочува со сериозни предизвици. Конференцијата за преглед на Договорот за неширење на нуклеарното оружје во 2026 година заврши без консензус за заеднички завршен документ, што дополнително ја нагласува длабоката поделеност меѓу државите околу нуклеарното разоружување.

SIPRI истовремено предупредува дека опасностите поврзани со нуклеарното оружје растат поради технолошкиот напредок, слабеењето на контролата врз вооружувањето и зголемените геополитички тензии. Посебен проблем е можноста од погрешна проценка. Во нуклеарна криза, одлуките може да се носат за многу кратко време, додека информациите можат да бидат нецелосни, неточни или погрешно протолкувани.

Што би значела нуклеарна војна? Научните модели за т.н. нуклеарна зима покажуваат дека последиците би биле глобални. Не станува збор само за директните жртви од експлозиите, туку и за долгорочните последици врз климата, земјоделството, снабдувањето со храна и глобалната економија.

Опасноста, значи, не е само во експлозиите, туку и во она што следува по нив.

Надеж на хартија

Постои и поинаков правец. Договорот за забрана на нуклеарното оружје, кој ги забранува развојот, тестирањето, производството, поседувањето, складирањето, употребата и заканата со употреба на нуклеарно оружје, стапи на сила на 22 јануари 2021 година. Сепак, ниту една од деветте нуклеарно вооружени држави, ниту една членка на НАТО, не е страна на договорот.

Македонија е членка на Договорот за неширење на нуклеарното оружје и на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни проби, но не е потписничка на Договорот за забрана на нуклеарното оружје. Тоа е парадоксот на 26 септември: денот го одбележува идеалот за свет без нуклеарно оружје, додека девет држави и понатаму поседуваат илјадници боеви глави.

И додека повеќе од две илјади од нив се чуваат во состојба на висока оперативна готовност, прашањето не е само дали светот може да си дозволи нуклеарно разоружување. Прашањето е и колку долго може да си дозволи да се потпира на тоа дека следната лажна тревога ќе биде препознаена навреме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс