Ограничувањето на шеќерот во првите 1.000 дена од животот, од зачнувањето до двегодишна возраст, значително го намалува ризикот од развој на анксиозност децении подоцна кај возрасните. Истражувањето објавено во списанието „Translational Psychiatry“, кое опфати повеќе од 45.000 учесници од британската биобанка, покажа дека исхраната со минимални количини додаден шеќер во раниот развој остава долгорочни невролошки придобивки, особено видливи кај жените.
Научниците од Универзитетот во Сари ги искористија историските податоци од Велика Британија, каде што строгото рационализирање на шеќерот воведено за време на Втората светска војна траеше сè до септември 1953 година. Истражувачите ги споредија луѓето зачнати и родени во периодот на рестрикции со оние родени веднаш по нивното укинување, кога достапноста на шеќер нагло се зголеми.
Овој историски пресек овозможи ретка споредба на голема популација. Луѓето што поминале најдолг период без прекумерен конзум на шеќер, односно во текот на целата бременост и првите две години од животот, пријавиле и помала склоност кон слатка храна во зрелата возраст.
Магнетната резонанца кај учесниците покажа директни физички корелации меѓу раната исхрана и невролошкиот развој. Кај испитаниците кои биле изложени на помалку шеќер во раното детство, скенирањата евидентираа промени во сивата маса во 80 од вкупно 139 испитувани мозочни региони, при што статистички најизразени разлики се потврдени во 11 зони, вклучувајќи делови од малиот мозок.
Според авторите на студијата, разликите укажуваат дека раната нутритивна средина влијае на мозочната архитектура во фаза кога нервниот систем најбрзо се развива.
Истражувачкиот тим нагласува дека студијата е набљудувачка и не докажува дека шеќерот директно предизвикува психички нарушувања. Крајот на рестрикциите во педесеттите години не донесе само повеќе слатки, туку ја промени севкупната исхрана на семејствата и се поклопи со пошироки економски и социјални промени.
Иако студијата првично забележа одредена поврзаност и со депресијата, таа врска ослабе по дополнителните статистички прилагодувања за подоцнежните животни навики. Сепак, заштитниот ефект врз анксиозноста остана стабилен, особено кај лицата чие ограничување на шеќерот траело подолго од шест месеци по раѓањето.