Подземен музеј во Рим, влез во метро обликуван како огромна скулптура во Неапол и столбови што наликуваат на разгранети дрвја во Мелбурн се меѓу решенијата на годинешната листа на најубави патнички станици на Prix Versailles. Изборот за 2026 година опфаќа седум станици во Австралија, Франција, Италија, Саудиска Арабија и САД.
Листата ги издвојува објектите по архитектурата и дизајнот, а не според брзината на возовите или точноста на возниот ред. Во овие простори, патниците се среќаваат со археологија, современа уметност и решенија инспирирани од локалниот пејзаж.
Во центарот на Мелбурн, Town Hall Station се истакнува со големи подземни простори и осум масивни столбови што се разгрануваат кон таванот. Нивната форма потсетува на дрвја, а висината и размерите му даваат на просторот впечаток на голема јавна сала.
Француската Lyon Part-Dieu има поинаква задача: да поврзува и возови и градски населби. Со проширувањето, станицата добила дополнителни влезови и премини, а нејзиниот дизајн се повикува на традиционалните лионски пешачки пасажи што минуваат низ зградите.

Во Рим, Colosseo – Fori Imperiali ја претвора историјата во дел од секојдневното патување. Наодите откриени при изградбата се изложени во самата станица, па спуштањето кон пероните вклучува и средба со археолошкото наследство на градот. Станицата на линијата Ц беше отворена во декември 2025 година.
Вториот италијански претставник, Monte Sant’Angelo во Неапол, привлекува внимание уште пред да се влезе во него. Уметникот Аниш Капур ги обликувал влезовите како монументални скулптури од кортен-челик и алуминиум. Формите се поврзуваат со вулканскиот пејзаж и Везув, а патниците буквално минуваат низ уметничко дело за да стигнат до метрото.
Ријад има две станици на листата. National Museum Station е замислена како пристап до Националниот музеј и историскиот центар. Големиот атриум внесува природна светлина во внатрешноста, додека сините површини создаваат впечаток на небо. Соседната автобуска станица, со форма што потсетува на бедуински шатор, ја дополнува врската со локалната традиција.
Western Station, исто така во Ријад, е изградена на простор на некогашен пазар на отворено. Во комплексот има продавници, џамија и пешачки површини, со што е зачувана неговата улога како место за секојдневни средби. Заоблените линии се инспирирани од пустинските дини и создаваат засенчени премини.
Листата ја заокружува LAX/Metro Transit Center во Лос Анџелес. Во град познат по автомобилскиот сообраќај, овој транспортен центар се издвојува со простор приспособен на локалната клима. Природната вентилација и настрешниците ја намалуваат потребата од климатизација, а соларните панели покриваат околу половина од енергетските потреби на внатрешните простори.