На социјалните мрежи се шират вознемирувачки снимки од Иран на кои се гледа голем број вреќи со тела на убиени лица.
Станува збор за серија видеоснимки објавени од Vahid Online, ирански блогер и интернет активист познат по документирање на протестите. Снимките, според наводите, прикажуваат форензички центар Кахризак, јужно од Техеран, по насилното задушување на антивладините протести.
Телата биле донесувани со камионети
Според информации од извори, на видеата може да се видат тела кои биле донесувани во мртовечница со камиони. На еден од видеозаписите се појавува ознака на екранот „фотографија број … од 250“, што укажува на можниот обем на бројот на жртвите, иако автентичноста и целосниот контекст на снимките засега не може независно да се потврдат.
Сведоци: Видовме повеќе од 400 тела
Двајца сведоци кои го посетиле Кахризак во потрага по исчезнати членови на семејството изјавиле за Iran International дека таму виделе повеќе од 400 тела.
Нивните сведоштва доаѓаат во период кога Иран е речиси целосно отсечен од интернет и другите комуникациски канали, што значително ја отежнува независната проверка на информациите.
Повеќе од 560 убиени, според HRANA
Според проценките на американската организација Human Rights Activists News Agency (HRANA), во протестите во Иран досега се убиени повеќе од 560 луѓе.
Болниците преплавени со тела
За размерите на насилството сведочат и изјави од медицински персонал. Лекар од северниот ирански град Рашт изјавил за Iran International дека само една болница примила најмалку 70 тела.
Во Караџ, според истиот извор, во петокот 44 тела биле префрлени во болницата Мадани, додека уште 36 тела биле примени во болницата Гаем. Медицински извори од други градови исто така известуваат за исклучително голем број загинати.
Иранските власти сè уште немаат објавено официјални податоци за бројот на загинати. Во меѓувреме, државните медиуми и институции продолжуваат да ги нарекуваат демонстрантите „вооружени изгредници“ и „терористи“.