Search

Се подобрува квалитетот на воздухот во Европа, иако некои места се уште дишат небезбеден воздух

Квалитетот на воздухот во Европа постојано се подобрува изминатите децении, но загадениот воздух се уште е најголемата еколошка здравствена опасност за Европа и светот. Според Европската агенција за животната средина, анализите на квалитетот на воздухот за 2022 и 2023, објавени неделава, покажуваат дека воздухот продолжува да се чисти, но во многу региони, особено во градовите, загаденоста останува над препорачаните вредности.

Извештајот на Агенцијата објавува податоци за клучните загадувачи во Европа во 2022 и 2023 и ги споредува тие концентрации во ЕУ со стандардите на Светската здравствена организација. Податоците покажуваат дека само 2 отсто од станиците низ континентот регистрирале концентрации на загадување повисоки од препорачаните. Но сепак, речиси сите европјани (96 отсто) кои живеат во градови биле изложени на концентрации од ПМ2,5 честички над препорачаните.

Овие честички доаѓаат главно од користењето на цврсти горива за домашно загревање, индустриска активност и сообраќај.

Податоците покажуваат и дека резултатите од загадувањето се доста различни во различни региони. Во централна и источна Европа се забележуваат повисоки нивоа на загадување. Во 2022 година, само Исланд имал загадување со ПМ2,5 честички во границите на препорачаното на СЗО, а концентрации над ЕУ лимитот имало во Хрватска, Италија и Полска.

Европскиот зелен договор за нула загадување има рок во 2030 година за да се намали смртноста од загадување за 50 отсто, споредено со 2005 година и долгорочна цел за загадувањето да нема значителни здравствени импликации до 2050 година. Претходно годинава, институциите на ЕУ постигнаа договор за да се променат директивите за контрола на воздухот, со цел стандардите на ЕУ да се приближат кон тие на СЗО.

Најново

Последни колумни