Американскиот сенатор Берни Сандерс и конгресменот Грег Касар поднесоа предлог-закон со кој се бара трајна забрана за развој и користење на суперинтелигентна вештачка интелигенција во Соединетите Американски Држави. Иницијативата предвидува итно замрзнување на работата на најнапредните системи додека не се воспостави строга државна регулатива, со цел да се спречи губењето на контролата врз технологијата.
Закононското решение насловено како „Закон за забрана на вештачка суперинтелигенција“ дефинира дека секој систем што ги надминува човечките когнитивни способности или има капацитет да испланира губење на човечка контрола мора да биде целосно забранет. За сите останати напредни модели се бара привремено стопирање на развојот.
Планот предвидува основање ново американско Министерство за вештачка интелигенција. Ова тело ќе добие надлежност да спроведува безбедносни проценки, да издава дозволи за пуштање во употреба и директно да ги надгледува технолошките лаборатории. За компаниите и поединците што ќе ги прекршат правилата, предвидени се драконски мерки и казни кои достигнуваат до 20 години затвор.
„Не треба да бидеш гениј за да кажеш: забавете“, изјави Сандерс за новинската агенција Асошиејтед прес. Според независниот сенатор од Вермонт, трката за профит меѓу неколку гигантски корпорации не смее да ја диктира иднината на целото општество без демократски надзор.
Сандерс и Касар посочуваат дека одлуките за развој на системи со потенцијално катастрофални последици во моментов ги носат исклучиво неколку технолошки милијардери. Според предложениот закон, ниеден модел од следната генерација нема да смее да влезе во јавна употреба без претходно писмено одобрение од федералните инспектори.