Русија повторно го нападна Киев: Најмалку 12 загинати, меѓу нив и жртви во урната станбена зграда

Во нападите врз Киевската област беа погодени станбена зграда, супермаркет и приватна куќа. Украинскиот народен правобранител повика светот да престане да ги игнорира руските напади врз цивилите.

Најмалку 12 лица загинале во руските напади врз Киевската област, од кои девет во делумното уривање на станбена зграда, според најновите податоци што утрово ги објавија локалните власти. Русија во последните шест месеци ги интензивира нападите врз украинската престолнина, а расте стравувањето дека претстојната зима би можела да биде најтешка од почетокот на војната пред речиси пет години.

Во ноќта меѓу саботата и неделата, во напад врз местото Димер, на околу 45 километри северно од Киев, била погодена петкатна станбена зграда. Во делумното уривање загинале најмалку девет лица. Снимките на новинската агенција АФП покажуваат спасувачки екипи како пребаруваат купишта урнатини што сè уште тлеат. Бројот на загинати постојано растел во текот на ноќта, а до раните утрински часови во понеделникот достигнал девет, соопшти гувернерот на Киевската област, Тимур Ткаченко.

Потрагата по евентуални други жртви продолжува. Спасувачите од урнатините живи извлекле дете и 79-годишна жена, соопшти Ткаченко на Телеграм.

„Светот мора да престане да врти глава“

Во Вишневе загинале уште две лица, а осум биле повредени откако руски дрон погодил супермаркет, соопшти регионалниот гувернер. Уште едно лице загинало во пожар што избувнал во приватна куќа во Била Церква по нападот.

Во ноќта меѓу петокот и саботата, Москва ја нападнала Украина со беспилотни летала и ракети, при што загинале 11 лица, од кои седум во главниот град. Нападот следувал по изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Украина ќе се соочи со „болна“ одмазда по неодамнешните напади врз Кримскиот мост.


„Светот мора да престане да врти глава. Осудете го овој терор, повикајте ја Русија на одговорност и дејствувајте веднаш за да го запрете масакрот врз невините Украинци“, порача на платформата Икс Дмитро Лубинец, украинскиот народен правобранител.

е-Трн да боцка во твојот инбокс