Илјадници луѓе излегоа на улиците во Истанбул за да протестираат против затворањето и преземањето на неколку медиуми блиски до турската опозиција. Демонстрантите маршираа неколку километри низ градот, барајќи слобода на медиумите и слобода на изразување, објави опозицискиот весник „Џумхуријет“.
Турските власти вообичаено не објавуваат податоци за бројот на учесници на протестите.
Собирот го организираше опозициската партија Јени. Демонстрантите носеа транспаренти со пораката „Медиумите не можат да бидат замолчени“.
Медиумите во Турција се изложени на силни притисоци, а новинарите често се соочуваат со апсења и притворања.
Телевизии под присилна управа, блокирани независни портали
Минатата недела телевизијата „Созџу“, еден од последните телевизиски канали во Турција блиски до опозицијата, беше ставена под присилна управа. Тоа се случи по затворањето на телевизијата „Халк ТВ“ и блокирањето на независниот новински портал „Т24“. Новинарот Тимур Сојкан, кој и самиот бил притворен поради критики кон владата, изјави дека властите прават сè што можат за да ги замолчат новинарите, но дека не успеваат во тоа.
Тој ја повика јавноста да им даде поддршка на новинарите на телевизијата „Халк“, кои планираат да продолжат со емитување преку нов канал на Јутјуб.
Според Индексот на слобода на медиумите на организацијата „Репортери без граници“, Турција се наоѓа на 163. место од вкупно 180 држави. Притисоците врз медиумите, апсењата на новинари и преземањето редакции блиски до опозицијата повторно ја отворија дебатата за состојбата со медиумските слободи во земјата.
