Германија предупредува: Русија планира нуклеарно оружје во вселената, последиците би ги почувствувала целата планета

Западните разузнавачки служби тврдат дека Москва подготвува сателит со нуклеарно оружје, кој би можел да биде лансиран уште во декември. Евентуална експлозија во орбитата би можела да уништи илјадници сателити и да предизвика хаос во комуникациите, навигацијата и електричните мрежи.

Русија наводно планира уште до крајот на годината да лансира сателит вооружен со нуклеарно оружје во вселената, предупредуваат западните разузнавачки служби. Активирањето на такво оружје во орбитата би можело да уништи или оштети голем број сателити, со потенцијално катастрофални последици за цивилниот живот и воените операции на Земјата.

Информацијата ја објавија германските медиуми ВДР, НДР и „Зидојче цајтунг“, повикувајќи се на разузнавачки процени, а ја пренесе и германскиот јавен сервис „Тагесшау“.

Можноста за нуклеарна експлозија во вселената со години се разгледува во воените и разузнавачките кругови. САД уште во февруари 2023 година интерно предупредиле на руски планови, а американски конгресмени тогаш ја оцениле потенцијалната закана како сериозна за националната безбедност.

Сателитот би можел да биде лансиран веќе во декември

Според информациите на германските новинари, западните разузнавачки служби, вклучително и германската Федерална разузнавачка служба, имаат сознанија дека Русија подготвува сателит што би носел нуклеарно оружје. Сателитот, наводно наречен „Спутник-С“, веќе со години е завршен и складиран во поширокото подрачје на Москва. Во разузнавачките предупредувања од почетокот на ноември се наведува дека би можел да биде лансиран во рок од 60 дена и набргу потоа да стане оперативен.

Вселенската команда на германската армија проценува дека лансирањето би можело да се случи веќе во декември.

Германското Министерство за одбрана одби да ги коментира информациите, повикувајќи се на доверливоста. Руската амбасада ги отфрли обвинувањата како неосновани и ги нарече дел од пропагандна кампања, тврдејќи дека руските активности во вселената се исклучиво мирољубиви.

Американците предупредуваат на катастрофални последици

Американската воена разузнавачка агенција ДИА во октомври објави процена според која Русија развива сателит наменет за носење нуклеарно оружје. Неговото поставување во орбитата би претставувало прекршување на Договорот за вселената од 1967 година, кој забранува поставување нуклеарно оружје и друго оружје за масовно уништување во орбитата на Земјата. ДИА предупредува дека, откако таков сателит ќе биде поставен во орбитата, можностите за негово запирање би биле многу ограничени.

Командантот на американската Вселенска команда, Стивен Вајтинг, проценува дека нуклеарна експлозија би можела да предизвика дефекти кај приближно една третина од сателитите во ниската Земјина орбита уште во првите часови или денови. Во следните месеци би можеле да престанат да функционираат и преостанатите сателити.

Без GPS, комуникации и дел од електричната мрежа?

Последиците од таква експлозија не би биле ограничени само на вселената. Нуклеарната детонација би можела да создаде облак од остатоци што би ги загрозил другите сателити, а силниот електромагнетен импулс би можел да предизвика сериозни нарушувања во електронските системи. Германскиот генерал-мајор Армин Флајшман предупредува дека последиците за секојдневниот живот би биле огромни, вклучувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија и сериозни проблеми во комуникациите и навигацијата.

Сателитите се клучни за GPS-навигацијата, банкарските трансакции, телекомуникациите и функционирањето на бројни други системи. Нивното уништување сериозно би ги погодило и воените операции, особено разузнавањето, комуникациите и наведувањето на оружјето.

Западните безбедносни кругови сметаат дека Русија би можела да стекне краткорочна воена предност, бидејќи западните армии значително повеќе зависат од сателитските системи отколку руската војска.

Флајшман како можен одговор предлага развој на способности за дејствување против непријателски сателити, вклучително и нивно онеспособување. Друга опција е дополнителна заштита на постојните системи, но таквите инвестиции би биле исклучително скапи.

САД веќе детонирале нуклеарна бомба во вселената

Опасностите од нуклеарни експлозии на големи височини се познати уште од 1962 година, кога САД во рамките на експериментот „Старфиш прајм“ (Starfish Prime) детонирале нуклеарна бомба на височина од околу 400 километри над Тихиот Океан.

Експлозијата предизвикала силен блесок, нарушувања во уличното осветлување и телекомуникациите на Хаваите, а оштетила и неколку сателити. Денес во Земјината орбита има повеќе од 10.000 активни сателити, поради што последиците од слична експлозија би можеле да бидат многу потешки.

Руски сателит лансиран во 2022 година веќе предизвикува сомнежи

Западните разузнавачки служби со години го следат рускиот сателит „Космос-2553“, лансиран во февруари 2022 година, непосредно пред почетокот на руската инвазија врз Украина. Русија тврди дека сателитот се користи за научни истражувања, но западните служби се сомневаат дека служел за тестирање технологии поврзани со нуклеарно оружје во вселената.


Според германски безбедносни извори, Русија можеби преку него тестирала како силното зрачење влијае врз функционирањето, движењето и издржливоста на сателитите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс