Што ако утре во Европа снема струја, престанат да функционираат комуникациските мрежи, а помошта од надлежните служби не може да стигне? Европската Унија ги повикува граѓаните да се подготват за сценарио во кое во првите 72 часа од вонредна состојба ќе мора да се потпрат на сопствените резерви од храна, вода и лекови.
Препораките се дел од новите насоки на Европската комисија за постапување во кризни ситуации. Тие опфаќаат подготовка на резерви, торба за итни случаи со документи и лекови, план за евакуација, но и практични вештини, од подготовка на храна без електрична енергија до укажување прва помош. Причините за ваквите препораки се различни: сајбернапади, напади со дронови врз критичната инфраструктура, природни катастрофи што можат да го нарушат сообраќајот и комуникациите, како и други вонредни ситуации.
Но, колку навистина се подготвени европските граѓани?
Само осум отсто се чувствуваат подготвени за криза
Истражување на Универзитетот во Летонија, спроведено во рамките на „Балтичкиот барометар за индивидуална подготвеност за кризи 2026“, покажува дека само осум отсто од испитаниците се чувствуваат прилично или целосно подготвени за вонредна ситуација.
Истражувањето опфатило жители на 10 европски градови во осум земји од северна и источна Европа, како и Исланд и Норвешка. Дополнителни 44 отсто од испитаниците планираат да ја подобрат својата подготвеност во следните шест месеци. Во секој од испитаните градови најмалку половина од жителите сметаат дека не се подготвени за вонредни ситуации.
Главната истражувачка на студијата, д-р Иева Бирка, вели дека нејзиниот резултат не ја изненадува толку колку фактот дека подготвеноста на домаќинствата не се подобрува, и покрај сè почестите разговори за оваа тема.
„За подготвеноста за кризи никогаш не се зборувало повеќе. Постојат национални брошури, насоки на Европската Унија и постојано присуство на темата во медиумите. Сепак, реалната материјална подготвеност на домаќинствата не напредува“, објаснува Бирка.
Колку вода, храна и готовина имаат домаќинствата?
Резултатите покажуваат дека само 31 отсто од испитаниците имаат доволно вода за пиење дома за најмалку 72 часа. На работното место таква резерва имаат само 25 отсто.
Околу половина сметаат дека располагаат со доволно готовина за вонредна ситуација, додека 71 отсто веруваат дека имаат доволно резерви од храна. Прибор за прва помош поседуваат 73 отсто од граѓаните, но само 38 отсто имаат радио на батерии што прима АМ/ФМ сигнал.
Разликите меѓу градовите во голема мера зависат од тоа колку жителите сметаат дека се изложени на потенцијална закана, објаснува Бирка.
Вилнус е единствениот главен град во кој повеќе испитаници се чувствуваат подготвени отколку неподготвени. Дури 67 отсто од жителите сметаат дека напад претставува сериозна закана.
Сепак, поголемото чувство на загрозеност не значи автоматски и подобра практична подготовка. Дури и во Вилнус, само околу една четвртина од испитаниците имаат доволно вода за три дена.
Подготовката може да чини и до 150 евра, а целосната опрема и повеќе од 300
Европската комесарка за еднаквост, подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лабиб, смета дека подготовката не мора да биде скапа. И едноставни чекори, како обезбедување основни намирници, вода, батериска светилка и мрежа за меѓусебна поддршка, можат да направат голема разлика. Но за многу домаќинства и основната опрема претставува финансиски товар.
За четиричлено семејство се потребни 36 литри вода за три дена, резерви од храна што не се расипува, радио на батерии, прибор за прва помош, лекови и готовина. Според Бирка, набавката на овие основни резерви во главните градови на балтичките земји чини меѓу 100 и 150 евра. Комплетна опрема за кризни ситуации, во која се вклучени вреќи за спиење и шатори, може да чини и повеќе од 300 евра.
Ако дојде до прекин на греењето, алтернативите можат да чинат уште неколку стотици евра. Меѓу нив се генератори и преносни електрични станици, освен ако домаќинството има камин. Околу 30 отсто од испитаниците велат дека им е потребна финансиска помош за да се подготват за криза.
Бирка предлага поддршката да биде насочена кон оние на кои им е најпотребна, наместо да биде универзална. Како можни решенија ги посочува ваучерите и однапред подготвените комплети за домаќинства со ниски приходи, кои би се распределувале преку локалните власти и центрите за социјална работа. Европската комисија, според Лабиб, започнала истражување за да го разбере нивото на подготвеност кај граѓаните со ниски приходи. Резултатите се очекуваат следната година.
Лицата со попреченост се соочуваат со дополнителни ризици
Парите и опремата не се единствените пречки. Извештајот на Европскиот форум за лица со попреченост од 2026 година, повикувајќи се на податоци на Обединетите нации, покажува дека дури 91 отсто од лицата со попреченост во Европа немаат личен план за постапување во случај на катастрофа. Дополнително, 43 отсто не можат да се евакуираат без помош од друго лице.
Со воведување достапни системи за рано предупредување, уделот на оние што не можат самостојно да се евакуираат се намалува на 22 отсто. Сепак, само 10 отсто од лицата со попреченост добиваат информации за ризиците во пристапни формати, како Брајово писмо или знаковен јазик.
Бирка предупредува дека за овие групи самостојноста во кризни ситуации зависи и од луѓето што им пружаат нега и поддршка. Затоа и тие мора да бидат подготвени.
Европската комисија препорачува евакуациите да бидат инклузивни и пристапни, а превозот и засолништата да бидат приспособени на различните потреби. Лицата со попреченост треба активно да бидат вклучени во планирањето на мерките, додека службите за прва помош треба да бидат обучени за препознавање специфични потреби и соодветна комуникација.
Меѓу практичните препораки се лични планови за итни ситуации, мрежи за поддршка, доброволна евиденција на лицата на кои им е потребна помош и резервно напојување за медицинските и асистивните уреди.
Стравот од криза е една од пречките за подготовка
За дел од граѓаните проблемот не е само недостигот од пари или опрема, туку и психолошката тешкотија да се соочат со можноста за сериозна криза. Во Вилнус, каде што жителите најизразено чувствуваат потенцијална закана, 42 отсто од испитаниците велат дека токму непријатноста од размислувањето за такво сценарио е главната пречка за подготовка.
„Повеќе информативни брошури нема да го решат овој проблем“, предупредува Бирка. Според неа, на граѓаните не им се потребни само дополнителни информации, туку и конкретни уверувања од владите дека постојат планови за постапување и дека институциите ќе реагираат кога ќе биде потребно.
Луѓето сакаат да знаат дека, ако го исполнат својот дел од обврските и се подготват, државата, службите за цивилна заштита, итните служби и армијата ќе го исполнат својот дел. Затоа е важно плановите да бидат јасни и конкретни, а информациите за ризиците да стигнуваат до различни групи граѓани на начин што им одговара – преку кратки видеа за помладите, но и печатени материјали за постарите.
Препораките на ЕУ не се задолжителни за земјите членки
Насоките на Европската комисија не се правно обврзувачки за земјите членки. Иако сите биле вклучени во нивната изработка, Европската Унија не може да гарантира дека граѓаните во сите држави ќе бидат подеднакво подготвени за вонредни ситуации.
„Одговорноста за тоа ја сноси секоја земја членка“, изјави европската комесарка Лабиб.
Таквиот пристап може да доведе до нерамномерно ниво на подготвеност низ Европа и дополнително да ги продлабочи разликите меѓу државите. Бирка смета дека редовното следење на напредокот и споредувањето на резултатите меѓу земјите би покажале колку владите навистина ги применуваат препораките. Таа предлага ЕУ да воспостави заеднички показатели и редовни истражувања со мерливи цели – на пример, колкав процент од домаќинствата имаат доволно вода за најмалку три дена.
„Заедничките стандарди за мерење и известување би го направиле напредокот видлив и би создале дополнителен поттик за преземање конкретни мерки“, заклучува Бирка.
