Повеќе патници на два лета на германската авиокомпанија „Кондор“ од Доминиканската Република кон Франкфурт почувствувале мачнина и општа слабост за време на патувањето, а дел од нив и повраќале. Двата авиона слетале на аеродромот во Франкфурт, каде што поради ситуацијата биле активирани бројни итни служби.
Причината за здравствените тегоби засега не е позната, објави германскиот медиум „Хесеншау“.
Итните служби биле подготвени уште пред слетувањето
Медицинските и итните служби биле ставени во состојба на готовност додека авионите сè уште биле на пат кон Франкфурт. Портпаролка на авиокомпанијата „Кондор“ потврдила дека повеќе патници се пожалиле на мачнина и општа слабост, а дел од нив повраќале.
По слетувањето, на патниците им била укажана медицинска помош на аеродромот, по што повеќето биле пуштени дома. Двајца патници биле пренесени во болница – едниот на сопствено барање, а другиот поради проблеми со циркулацијата.
Вклучен и Заводот за јавно здравје
Во двата авиона имало вкупно околу 620 лица. Во моментот на објавувањето на информацијата не бил познат точниот број на патници со симптоми, ниту причината за нивната здравствена состојба. Од „Кондор“ соопштиле дека во вакви ситуации веднаш се вклучуваат надлежните институции. Во овој случај, постапката ја презел Заводот за јавно здравје на градот Франкфурт.
Засега нема официјална потврда дали станува збор за труење со храна, вирусна инфекција или друга причина за мачнината и повраќањето.
