САД затвораат дипломатски претставништва во Канада, Јапонија и Индонезија

Американскиот Стејт департмент го известил Конгресот за план за затворање на пет дипломатски мисии во странство. Потегот е дел од поширока реорганизација и намалување на дипломатската мрежа во рамки на политиката за намалување на трошоците.
Screenshot

Соединетите Американски Држави планираат да затворат пет дипломатски претставништва во странство, меѓу кои конзулатите во Винипег (Канада), Нагоја (Јапонија) и Медан (Индонезија), како и Амбасадата во Гренада и канцеларијата на Амбасадата во Дуала, Камерун. Планот веќе бил доставен до американскиот Конгрес, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со одлуката. 

Станува збор за едно од ретките намалувања на американското дипломатско присуство кое не е директно поврзано со конкретна геополитичка криза. Според информациите, мерката е дел од пошироката реорганизација на Стејт департментот и напорите за намалување на јавните трошоци и оптимизација на дипломатската мрежа. 

Извори наведуваат дека во администрацијата постои став дека дел од помалите дипломатски претставништва повеќе не се доволно исплатливи и можат да бидат заменети со услуги што ќе ги обезбедуваат поголеми амбасади во соседните региони. 

Од друга страна, критичарите на оваа политика предупредуваат дека намалувањето на американското дипломатско присуство може да ја ослаби улогата на САД во светот и да создаде простор за поголемо влијание на Кина и Русија, особено во регионите каде што двете сили активно го прошируваат своето дипломатско и економско присуство. 

Стејт департментот засега официјално не ги потврди конкретните затворања, но соопшти дека редовно ја преиспитува својата глобална дипломатска мрежа со цел таа да остане ефикасна и да ги следи законските процедури за известување на Конгресот. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс