Виртуелната амбасада на САД во Иран во средата издаде безбедносно предупредување до американските државјани за напуштање на Иран и избегнување на патување во земјата од какви било причини. Амбасадата ги предупреди државјаните дека непријателствата можат брзо да ескалираат.
Ова предупредување следува откако се случија иранските напади врз американски средства во Бахреин и Кувајт, како и по нападот на јеменските Хути во вторникот врз кула во финансискиот округ на Ријад. Според саудиската Цивилна одбрана, во нападот во Ријад биле повредени 11 лица, додека Министерството за внатрешни работи на Бахреин соопшти дека саботниот ирански напад повредил две лица и предизвикал пожар во цивилен индустриски објект.
Од Вашингтон ги повикаа американските граѓани низ Блискиот Исток да бидат внимателни, наведувајќи дека Иран, Хутите и други групи поврзани со Техеран би можеле да ги земат на нишан американските интереси и државјани во регионот, вклучително и компании и институции.
Препораки за државјаните на САД во регионот се редовно да ги следат летовите и работата на аеродромите и да бидат подготвени за можни откажувања на летови и затворање на воздушни простори, да имаат предвид дека правилата за преминување на копнените граници на Иран и условите за влез во соседните држави можат да се променат во краток рок, да избегнуваат демонстрации, поголеми собири и подрачја со засилено полициско присуство, како и да бидат внимателни на локации поврзани со САД. Во случај на воздушни напади, да се држат подалеку од врати, прозорци и остатоци, мобилните телефони да ги држат наполнети и да ги следат насоките на локалните власти, како и да се регистрираат во информативниот систем на американскиот Стејт департмент за добивање безбедносни известувања.
Соединетите Американски Држави и Иран немаат дипломатски односи од 1980 година. Швајцарија ги застапува американските интереси во Техеран, па во предупредувањето како точка за контакт за граѓаните на кои им е потребна помош е посочен Одделот за американски интереси при швајцарската амбасада таму.
