Четири работи за сексот што секој маж треба да ги знае

Од отворената комуникација до почитувањето на границите – терапевт за партнерски односи објаснува кои четири лекции за согласноста можат да придонесат за поздрава и поисполнета интимна врска.

Здравиот сексуален живот не зависи само од физичката привлечност, туку и од меѓусебното разбирање, почитувањето на личните граници и отворената комуникација. Терапевтот за партнерски односи и сексуалност Ерик Фицмедруд, кој им помага на паровите да ги подобрат своите врски, за „Хафингтон пост“ издвоил четири важни лекции за сексуалната согласност за кои смета дека секој маж треба да ги знае.

Притоа, тој се осврнал и на сопствените грешки од минатото, кои го поттикнале да побара стручна помош и да го промени своето однесување.

1. Притисокот ја намалува сексуалната желба

Фицмедруд објаснува дека негативните реакции на одбивањето сексуален однос можат да создадат чувство на притисок и дополнително да ја нарушат интимноста. И самиот признава дека во минатото реагирал со лутина и разочарување кога не бил задоволен од зачестеноста на сексуалните односи.

„Кога не можете да ги контролирате емоционалните реакции откако партнерката ќе одбие секс, последиците од тоа одбивање создаваат дополнителен притисок врз неа“, објаснува терапевтот.

Според него, ваквата динамика може постепено да ја потисне сексуалната желба кај партнерката.

2. Тоа што некој не одбил не значи дека дал согласност

Терапевтот нагласува дека фактот што партнерката не кажала „не“ не значи автоматски дека се согласила на сексуален однос. Согласноста не треба да се подразбира, туку да се комуницира отворено. Иако разговорот за согласноста на почетокот може да изгледа непријатно или да го прекине моментот на интимност, со текот на времето може да стане природен дел од сексуалното искуство.

„Како што ќе станувате повешти во комуникацијата за согласноста, таа сè помалку ќе го прекинува текот на интимниот однос, ќе станува попривлечен дел од искуството и на крајот ќе сфатите дека е негов составен дел“, истакнува Фицмедруд.

3. Не заземајте веднаш одбранбен став

Претходните трауматични искуства можат да влијаат врз чувството на сигурност во интимните односи. Затоа е важно партнерката да биде сослушана и нејзините граници да бидат почитувани, дури и кога некоја постапка ненамерно ќе предизвика страв или непријатност.

„Ако поттикнете трауматично искуство кај неа, дури и ненамерно, немојте веднаш да заземате одбранбен став“, советува терапевтот.

Тој го илустрира ова со сопствено искуство: еднаш ненамерно предизвикал страв кај поранешна партнерка. Наместо да ја оправдува својата постапка, ја признал грешката, се извинил и го променил однесувањето.

4. Согласноста е важна и за мажите

Согласноста не е важна само за жените. И мажите имаат право да поставуваат граници и да одбијат сексуален однос, без оглед на очекувањата на партнерката или на општествените претстави за машката сексуалност.

Фицмедруд раскажува дека и самиот одбивал интимност во ситуации кога не се чувствувал доволно сигурно.

„Согласноста не е обид да добиеме дозвола од партнерот. Таа е важна за луѓето од сите родови и со различно ниво на сексуална желба“, нагласува терапевтот.


Отворената комуникација за желбите, границите и согласноста, заклучува тој, може да помогне во градењето поздрави партнерски односи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс